На предлог на Министерството за финансии, Владата денеска ја усвоила Фискална стратегија на Република Македонија за 2020-2022, како стратешки документ кој се усвојува за период од три години и ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот.

Фискалната стратегија e одраз на среднорочните фискални цели и стратешките приоритети на Владата на Македонија, и врз основа на реалните показатели од неа, како и од континуираното забрзување на растот во текот на 2018 година и позитивните поместувања во првото тримесечје од 2019 година, се очекува нагорна ревизија на проекцијата за економски раст во 2019 година на 3,5 проценти. Трендот на растот на БДП се очекува и во 2020 година и се позиционира на 4,2 отсто, за во наредните две години да продолжи со посилен интензитет, односно да достигне 5 проценти.

На денешната седница Министерството за финансии информирало и за подготовките за одржување на годишната средби на Холандската Конституенца во рамки на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, од 21 до 23 јуни оваа година во Скопје и Охрид. Овие средби се настан на високо ниво кој се одржува еднаш годишно во една од петнаесетте земји членки на Конситуенцата, и во Скопје и Охрид ќе пристигнат директори на ММФ и на Светска Банка, како и министрите и гувернерите на народните банки на сите 15 земји членки од Ерменија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Израел, Кипар, Луксембург, Молдавија, Романија, Македонија, Украина, Холандија, Хрватска и Црна Гора.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/05/2019 18:01