Глумецот Џејсон Мичел е дисквалификуван во номинациите на Ем-Ти-Ви наградите поради обвиненијата за наводно сексуално вознемирување што се појавија минатата недела.

Откако Ем-Ти-Ви пред неколку години ја тргна половата поделба во своите номинации, Мичел со ТВ серијата „Чи“ (The Chi), беше единствениот машки актер номиниран во категоријата „најдобра улога во шоу“, покрај Емилија Кларк („Игра на престоли”), Елизабет Мос („Приказната на слугинката”), Џина Родригез („Девицата Џејн”) и Кирнан Шипка („Морничавите авантури на Сабрина”).

Номинациите на Ем-Ти-Ви беа објавени на 14-ти овој месец, а наградите ќе бидат доделени на 17 јуни.

Претходно неделава, Мичел поради обвиненијата од неколку свои колешки, беше исфрлен од „Чи“, како и од снимањето на филмот „Десперадоси“, проект што се одвива во Мексико.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/05/2019 16:19