Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против разбојникот кој се обиде да одземе мобилен телефон на случаен минувач на 16-ти мај на булеварот „Крсте Петков Мисирков“.

-Осомничениот на 16 мај годинава, околу 22:00 часот на бул. „Крсте Петков Мисирков“ со употреба на сила се обидел да одземе туѓ подвижен предмет – мобилен телефон марка „Ајфон С6“ во вредност од околу 40.000,00 денари. Тој се приближил до оштетената и започнал со тупаници да ја удира по главата и телото обидувајќи се да и го одземе мобилниот телефон кој таа го држела во рака. Откако жртвата дала отпор, сторителот насилно ја бутнал на земја и продолжил со физичкиот напад влечејќи ја за чантата. Но поради отпорот на оштетената и нејзиното силно довикување за помош, осомничениот се откажал од намерата и побегнал, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.

Надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за определување на мерка притвор за осомниченото лице. Предлогот на обвинителството бил прифатен и со решение на осомничениот му е определен притвор во времетраење од 30 дена.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/06/2019 14:45