Полиција упадна во седиштето на Австралискиот јавен сервис поради текстови за наводно недолично однесување на австралиските сили во Авганистан.

Службениците дошле во јавниот сервис Еј-Би-Си со налози за претресување двајца новинари и уредник на вести.

Истрагата е покрената поради серија истражувачки текстови од 2017 година, познати како Авганистански досиеја, во кои се „откриени тврдења за нелегално убивање и недолично однесување на австралиските специјални сили во Авганистан“.

Еј-Би-Си досиејата ги објави на 10 јули 2017.

Водечкиот синдикат на новинарите изјави дека претресите се „вознемирувачки образец на напади врз австралиската слобода на медиумите“.

Директорот на Еј-Би-Си, Дејвид Андерсон изјави дека рацијата „предизвикува легитимна загриженост за слободата на печатот“.

– Еј-Би-Си стои зад своите новинари, ги штити нивните извори и ќе продолжи да известува без страв или наклонетост кон прашања од националната безбедност и разузнавачки податоци кога има јасен јавен интерес, рече Андерсон.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/06/2019 16:54