Парламентот на Тајланд изгласа премиерот Прајут Чан-оча, кој во 2014 година ја презеде власта со воен удар, да остане на функцијата.
Претседателот на Долниот дом на тајландскиот Парламент објави дека Прајут Чан-оча добил 500 гласови, а кандидатот на коалицијата составена од антивоени партии Танаторн Јуангронгруангкит 244 гласови.
Прајут на парламентарните избори во март го кандидираше партијата Паланг прачарат, која има поддршка од армијата. Партијата на изборите го освои второто место добивајќи 116 мандати во Долниот дом на Парламентот.
Изборот на Прајут беше очекуван, бидејќи премиер се избира со заедничко гласање на Долниот дом кој брои 500 пратеници и 250 сенатори.
Прајут како лидер на воената хунта во изминатите пет години го укина Уставот, ја ограничи слободата на медиумите, како и политичкото собирање и изразување на мислење.