Пентагон синоќа ја објави новата стратегија на САД за Арктикот во која се наведуваат целите и плановите на Вашингтон во областа на безбедноста за овој регион и се посочува кои земји имаат суверено право да располагаат со арктичките територии и активно соработуваат со САД во одбраната.

Според извештајот, подготвен од Министерството за одбрана, арктичкиот регион е составен од осум нации со суверена територија во Арктикот, вклучително и САД. Шест од нив се сојузници на Вашингтон – НАТО земјите членки Канада, Исланд, Норвешка и Данска со Гренланд, а две се цврстите партнери на НАТО Финска и Шведска.

Сепак, има исклучоци, тоа се Русија и Кина. Иако Кина не е арктичка земја, „Пекинг се обидува да влезе со своја улога во Арктикот и на начин кои ги нарушуваат меѓународните правила и норми. Постојат ризици со глобалното грабежливо економско однесување на Кина да биде искористено и во Арктикот“, се наведува во стратегијата.

Пентагон ги критикува и дејствата на Русија, една од осумте земји кои поседуваат суверени арктички територии. Се истакнува дека Русија претходно се придржувала до меѓународните норми кои ги определуваат арктичките граници, но стравовите на воените експерти на САД сега се поврзани со регулирањето на транспортот по Северната морска рута.

-Русија може еднострано да одлучи во определување на тие граници ако процедурата не е во нејзин интерес и да примени воена сила за забрана на пристапот до спорните води и ресурси на Арктикот, се вели во документот.

Се додава дека со топењето на поларните капи и возможноста за пловибда по Северната морска рута, Москва бара од странските пловила да добиваат дозвола за поминување само со придружба на руски мразокршачи.

-Русија го засилува своето присуство во Арктикот и ја модернизира својата инфраструктура таму.

Се укажува дека како резултат на ова може да се ограничи можноста за преместување на воени сили што ќе влијае на стратегиските цели на САД во светот „поврзано со конкуренцијата со Кина и Русија во Индиско-Тихоокеанскиот регион и во Европа“.

За Пентагон, Арктикот е стратешка територија која може да биде искористена за потенцијален напад врз САД. Во рамките на засилување на одбраната, САД во Арктикот планираат заеднички воени вежби со НАТО и со други сојузници.

Стратегијата на Пентагон за Арктикот последен пат беше објавена во 2016 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/06/2019 18:47