Амнести интернешнл денеска својата годишна награда Амбасадор на совест ја додели на шведската активистка за борба против климатските промени, тинејџерката Грета Тунберг и нејзиното протестно движење.

Тунберг изјави дека е „голема чест“ да се прими награда во име на движењето кое на светско ниво ги почна школските штрајкови за клима. Под слоганот „петок за иднината“, тие наместо во училиште, одеа пред парламент барајќи од властите да вложат повеќе напори во сузбивањето на климатските промени.

– Човековите права и климатската криза одат рака под рака. Не можеме да го решиме едното, без да го решиме другото, потенцираше Тунберг.

– Понизни сме и инспирирани од одлучноста со која младите активисти ширум светот не предизвикуваат да се соочиме со реалноста за климатската криза, изјави генералниот секретар на Амнести интернешнл Куми Наидо.

Тунберг почна сама да протестира пред шведскиот парламент во август 2018 година, а веќе во мај годинава такви протести се одржаа во 131 земја во светот.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/06/2019 18:58