Во 2008 година во пожар во „Јуниверсал Студиос Холивуд“ изгореле мастер записите на илјадници музички албуми и на главните нумери на 20. век, од песните како „Рок ароунд д клок“ до „Смелс лајк тин спирит“, во една од најголемите загуби за музичката индустрија на 20. век, пишува „Њујорк тајмс магазин“.

Според истражувањето на весникот, илјадници мастер ленти на изведувачи како Луи Армстронг, Џенет Џексон, Тупак, РЕМ или Нирвана, биле уништени во пожарот пред 11 години, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Инаку, мастер е носачот на звук од кој се прават сите копии на еден албум или нумера и по дефиниција тој го носи најдеталниот и најквалитетен звук што може да постои од некоја студиска или концертна изведба.

Првично, за пожарот се знаеше дека зафатил мала површина и ја уништил Кинг Конг атракцијата на „Јуниверсал“ и сеф со видео снимки, мал дел од колекцијата, но „Њујорк Тајмс магазин“ дознава дека компанијата го сокрила фактот и дека пожарот всушност бил катастрофален со непроценлива штета за музичката индустрија на 20. век.

Некои од музичарите и групите веќе реагираа.

Така, поранешниот басист на Нирвана, Крис Новоселиќ изјави дека мастер записот на еден од критички најоценуваните албуми на групата „Невермајнд“ можеби е загубен засекогаш.

– Мислам дека е загубен засекогаш, напиша синоќа Новоселиќ на Твитер, во одговор на порака од корисник.

Членови на култната музичка груп РЕМ, пак, се обидуваат да дознаат кои од нивните албуми биле изгубени во пожарот.

-Седиштето на РЕМ е затрупано со писма на загрижени луѓе за статијата на Њујорк тајмс за пожарот во Јуниверсал Мјузик пред 11 години. Се обидуваме да дознаеме што се случило и каков ефект тоа има за музиката на бендот, напишаа на Твитер од РЕМ.

Како што се дознава, речиси сите мастери на Бади Холи биле проголтани од пламенот, но и речиси целата музика на џез иконата Џон Колтрејн од каталогот на неговите „Импулс“ албуми.

Загубени се и мастерите од „Дека Рекордс“ во кои се вклучени албуми од Били Холидеј, Луј Армстронг, Дјук Елингтон, Ела Фитцџералд и Чак Бери, и останати легенди на американската музика како Арета Франклин, со нејзините први снимки.

Истражувањето на „Њујорк Тајмс Магазин“ открива дека изгубен е и мастерот на „Рок араунд д клок“, нумера од Бил Хејли и Неговите Комети која се смета за темелник на рокенрол музиката.

Загубени се децении на влијателни албуми и мастер записи од музиката на 20. век, од музички артисти како Реј Чарлс, Би Би Кинг, Елтон Џон и Ерик Клептон, до Том Пети, Полис, Ганс ‘ен Роузис, Најн Инч Нејлс, Тупак, Еминем и Д Рутс, се дознава од истражувањето на њујоршкиот весник.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/06/2019 19:46