Театарската претстава „Денот кога се заљубив“ синоќа ја заокружи работата за оваа сезона на драмската секција, која работи под закрила на Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен. Текстот на претставата е на Биљана Тодоровска, а режијата и адаптацијата на текстот ги направија Сотир Чаушевски и Даринка Веслиевска.

Претставата се одигра во киносалата и беше наменета за деца од основните и средните училишта.

Директорот на Домот на културата „Драги Тозија“ Васко Василевски истакна дека традицијата со одигрувањето на театарските претстави во Ресен е дамнешна. Ова, според него, е уште една убава можност да се заокружи работата на драмската секција пред летните одмори.

– За нас, некако по традиција, во овој период ја заокружуваме работата на драмската секција со цел да им овозможиме на децата ентузијасти и вљубеници во театарската уметност да покажат на кој начин се вложувале себеси во текот на целата година. Претставата „Денот кога се заљубив“, со самиот наслов ја привлече тинејџерската публика, а учесниците во секцијата, предводени од Даринка Веслиевска и Сотир Чаушевски, се покажаа одлично. Полната сала и големиот интерес на публиката од Преспа, само ја потврдува нашата заложба да вложуваме во аматерскиот театар во Ресен и да ја поттикнуваме љубовта кон оваа уметност кај намладата генерација, изјави Василевски, кој е и сценограф на претставата.

Активностите на драмската секција при Домот на културата се поддржани од Општина Ресен и градоначалникот Живко Гошаревски.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/06/2019 13:19