Сите држави од поранешна Југославија можат да се пофалат со своите природни и културно-историски убавини, но како Хрватска, ретко кој! Господ тука не штедел, од Славонија и Загреб, сè до преубавото Јадранско Море со бројните острoви. Еден од нив е и острoвот Крк, крај Риека, втор по големина острoв во Јадранско Море и единствен што е поврзан со копното преку мост и аеродром. Крк е познат и како Златен Остров уште од антиката, поради географската позиција, богатата вегетација и културното наследство, кое е колепка на хрватската култура.
За нас, екипата на МИА и не толку блиску, но сепак примамливо да ја прифатиме поканата за гастрономската манифестација „Крк фуд фест – од вкус до вкус, пролетни вкусови“, заедно со новинари од повеќе европски земји, во организација на клубот „Гастронаут“, ТО Крк и седум локални туристички организации. Патувајќи имавме чувство на задоволство дека ќе уживаме со сите сетила во прекрасните знаменитости и вкусови на островот Крк, меѓу кои се и морските специјалитети. Така и беше, имаше за секого од сè по малку…, арно ама и сосем други изненадувања и неочекуван избор на гастрономски искушенија.
Од богатата понуда на Крк, организаторите се одлучија да посетиме 22 ресторани, хотели, винарници…, во повеќе градови и туристички места – Њивице, Омишаљ, Малинска, градот Крк, Врбник, Пунат, Башка, Климно, Шило…
Трите дена беа премалку за сите наши сетила, да ја издржиме богатата гастрономска понуда на островот Крк, со продукти донекаде непознати за нас, која се движеше од – студена „жлахтина” (автохтона винска сорта) и топло јагнешко, шкампи и риби со поглед на морето, овчо сирење што има вкус на жалфија, смиља (медитеранска билка со горчлив вкус) и други здрави и мирисливи треви, крчката пршута, маслиновото масло, еколошкиот зеленчук и самоникнатите хранливи билки.
Рестораните ја приспособија понудата со продукти што во тој момент на островот се највкусни и приготвија бројни деликатеси со аспарагус, младо јагнешко, боб, мотар, т.е. храна на боговите (грмушесто приморско растение со солен и ароматичен вкус) и други пролетни растенија и морски плодови.
Целта на оваа манифестација беше да се прикаже како приказната за Крк, како за неговата историја и традиција, за неговото море и неговата внатрешност, може да се спои и да се раскаже преку вкусовите на храната што се нуди на Крк, ни кажа еден од организаторите Карин Мимица од „Гастронаут Хрватска“.
– Крк има доста работи да понуди. Да не заборавиме дека тој се наоѓа во Кварнерскиот Архипелаг и негови силни адути се рибата, шкампите, октоподот, маринираната риба. Автохтони тестенини се шурлици, кои се изработуваат со игла, лековитите аспарагуси и другите самоникнати растенија, кои не се само зачин, туку служат и како лек. Крк е познат и по крчкото сирење, пршутата, јагнешкото и по многу други гастрономски адути и се надевам дека по оваа прес-тура и по понудата на креативните угостители, Крк ќе биде уште повеќе познат како туристичка и како гастрономска дестинација, изјави хрватската новинарка и гастрономска експертка Карин Мимица.
Ние почнавме да го „крстосуваме“ Крк од местото Њивице. Ресторанот „Ривица“ нуди десетина деликатеси со аспарагус, вклучувајќи равиоли полнети со скута (сирење) и аспарагус во сос од тартуфи, фритаја (традиционално истарско јадење со јајца) и ориз со аспарагус, паштицада – јунешко со аспарагус и сладок аспарагус со бело чоколадо и лешници.
Еднa од најатрактивните населби на Крк е, секако, Малинска, за чија историја може да се зборува од 15 век, кога по изградба на мелница го добива своето име. Во минатото, Малинска беше безбедно пристаниште од пиратите, а денес е туристичка дестинација што нуди бројни културни настани, интересна историја, прекрасни плажи, спортски активности и, се разбира, разновидна гастрономска понуда. Така, во ресторанот „Мулино“ можете да уживате во супа од шумски аспарагус, пржени јајца со аспарагус, шурлици (тестенини) со ракчиња и рикота-сирење; печено јагне на ражен или на скара, палачинки со скута. Таверната „Брацера“ ќе ви ги предизвика сетилата и непцата со понуда што започнува со дегустација на овчо сирење, со тартуфи, аспарагус, рузмарин, домати и сето тоа во јадењата со тестенини, палента во форма за мачкање, ризото и со преубавото кршко јагнешко. Бистрото „Тони“ нуди две пролетни јадења – од риби и од месо. Специјалитет е секако салатата од аспарагус, екстравагантните гради од патка со зеленчук и чуеното народно јадење на рибарите – бродет, кое во бистрото „Тони“ станува специјалитет со лигни и палента. Докoлку посакате полнето тесто, во конобата „Интрада“ ќе ви ја приготват полнета со сирење и спанаќ. Но, тука не е крајот бидејќи потоа тргнуваат во низа деликатеси како сeлска чинија, неизбежното јагнешко и превкусниот кнежев преснац, приготвен со лимон и скута – сирење што се прави од сурутка преостаната од изработката на основното сирење. Во ресторанот „Ностромо“ покрај салати со сирење и ореви, фритаја (што во превод приближно е нешто како нашата кајгана), ризото со аспаргус, шурлици, може да вкусите и торта од младо овчо сирење. Кога ќе пристигнете во „Приморска колиба“, ве очекува младо сирење со јадрански шкампи и аспарагус, салати со морска храна и боб. Исто така, постои и интересно ризото со ракчиња – козици и со мотара – див зеленчук, со вкус на море што дури и Шекспир го има спомнато во неговиот „Кралот Лир“. Добриот и вкусен оброк можете да го завршите со некои од десертите, како што се панакот и домашните крумбли – домашно трошено тесто.
Во близина на Малинска, на копно, се наоѓа „Куќата на крчката пршута“, со изобилство на сочна пршута, каде што може да се купи и да се насладувате со паштета од пршута и младо овчо сирење, домашен леб со пршута и други варијанти поврзани со пршутата, збогатени со шурлици и див аспарагус. Секако сето тоа залеано со автохтоното вино „жлахтина“.
Движејќи се „гастрономски“ низ Крк, се упативме во блиското село Милохниќи, каде што во спокојството на селскиот живот, се наоѓа коноба во која домаќините нудат оброци од свежо фатена риба и зеленчук што самите го одгледуваат. Бродетот од исушен октопод и палачинките со скута и мед се волшебни.
Во селото Главоток, заштитено со вековна дабова шума, ќе уживате во јадењата од јагнешко месо и риба, супи и паштети, сите збогатени со вкусот на пролетта.
Продолжувајќи го нашиот гастрономски пат низ Крк, дојдовме и до самиот град Крк. Ресторанот „Волсонис“ е вистинска атракција, бидејќи е приспособен на антички локалитет во кој нестварно се има позиционирано. А во таков амбиент, разнобојна палета на вкусови од регионот, како што се јагнешко, коприва, винова лоза и, се разбира, јагнешка пршута. Јадења на автохтоната кујна на Крк и балкански специјалитети на скара нуди конобата „Шиме“, ресторанот „Марина“ ќе ве изненади со бодулски пијат – филе од риба во сос од „жлахтина“ со тостирана палента, a конобата „Галија“ со равиоли полнети со јадрански ракчиња и црни тартуфи…, што се добра причина повторно да ги посетите.
Градот Врбник се нaоѓа високо на островот речиси на 50 метри надморска височина. Според богата историја, Врбник се нарекува и лулка на писменоста на Хрватите. Може да се пофали со своето „глаголско“ наследство и со најпознатиот производ, златножолтото вино „жлахтина“. Сладолед од „жлахтина“ може да вкусите во таверната „Госпоина колиба на жлахтината”, ребра од младо јагне со овчо сирење во ресторанот „Винотел Госпоја”, а ресторанот „Надеж“ ќе ви приготви одлично печено говедско месо со крем од „муштарда“ и домашни зелени тортелини од овча скута со жалфија.
Но, Врбник е познат и како град на најтесните улици во светот. Една од нив е улицата Кланчиќ, чиј најтесен дел изнесува малку повеќе од четириесет сантиметри, па затоа по сите досегашни гастрономски искушенија, не би ви препорачале да поминете тука. Доколку „успеете“, преминувајќи ги тесните улички, ќе наидете на Старата врбничка куќа, изградена во 15 век, која денес е етномузеј, декорирана наменски за да го прикаже животот на жителите на Врбник.
Крстосувајќи низ Крк, гратчето Пунат е задолжително место за одмор. Пунат ги има споделено историските судбини со другите островски градови, а жителите во минатото се занимавале со риболов, земјоделство, сточарство и со бродоградба. Денес Пунат е еден од најголемите хрватски наутички центри и центар на маслинарството на островот. Во Пунат, во ресторанот „Марина“, конобата „Бокун“ ви нуди бројни специјалитети од шкампи, аспарагус, печурки, бифтеци во заводливи сосови.
Но, незамисливо е да се биде во Пунат, а со чамец да не го посетите малиот остров Кошљун, покриен со богата шума, населен во римско време кога е изграден летниковец според кој го добива името – castellum, т.е. Кошљун. Денес жителите на островот се монаси кои живеат во Фрањевачкиот манастир од 15 век. Дел од манастирот е претворен во музеј, во кој, меѓу другото, се зачувани ретки примероци на глаголски ракописи. Манастирската библиотека е најстара и најголема на островот Крк. Вистинска драгоценост е првото издание на латинскиот превод на „Атласот на Птолемеј“ на Венеција од 1511 година – од трите зачувани примероци во светот.
Кога ќе посакате морските бранови и сонцето на Крк да ве наполнат со енергија, посетете ја Башка, место чии плажи го забрзаа развојот на туризмот во далечината од 1908 година. Одличната јагнешка трбушка со палента може да се вкуси во хотелот „Херитиџ Форца“. Цицибела, хотелот „Тамарис“ и бројните угостителски објекти во Башка ќе ве шармираат со пршута, компири со рузмарин, ракчиња во дижон-сенф и со виски… Приказната за туризмот не завршува тука. Туристичките експерти имаат направено вистинска атракција – Башчанската патека на глаголицата. Патеката преку интерактивни методи и преку камени скулптури на глаголски букви ги води посетителите низ културните и историските вредности на овој регион. Интересно за овие букви е тоа што секоја буква-споменик е спонзорирана од одреден град или општина, па така Дубровник ја спонзорираше глаголската буква Д, буквата П е спонзорирана од страна на главниот град на Чешка – Прага, буквата З од Задар итн.
Недалеку од Башка е Јурандвор, кој е познат по тоа што оттаму е откриена Башчанската плоча. Текстот на плочата тешка 800 килограми е исклесан во 13 реда. Се верувало дека текстот содржи тајни податоци, но откако експертите го превеле глаголскиот натпис во 1875 година, откриено е дека текстот говори за донација на земја, која кралот Звонимир ја донира на манастирот „Света Луција“. Тоа е првпат да се споменува име на еден хрватски владетел напишано на хрватски јазик и на глаголица, што е потврда на постоењето на хрватската држава од најраните денови.
Нуркачките ентузијасти сигурно ќе го интригираат местото Шило. Грчкиот товарен брод „Пелестатис” потонал овде во 1968 година и лежи на песок на длабочина од 20-30 метри, додека јарболот на бродот е на длабочина од само 10 метри. Но, пред да заминете во нуркачка авантура во ресторанот „Зеба“ нарачајте јагнешко под сач бидејќи приготовката трае најмалку три часа.
Наутичарите ќе се чувствуваат опуштено и во Климно – мало, тивко и романтично место што го краси црквата „Св. Климент“ од XIV век. Климно има сопствено пристаниште, работилници за изработка и поправка на бротчиња, но и гастрономски мозаик од аспарагус, ‘рдоква и јајца од потполошка, приготвени во ресторанот „Жал“.
Една од најстарите населби на островот е Омишаљ. Камените улички на старото градско јадро го чувствуваат драгоценото историско наследство, поради кое се чувствува духот на минатите времиња. Омишаљ е важен центар на глаголицата. Но, постојат и атрактивни плажи, марини, хотели, ресторани, како и ресторанот „Марис“, кој нуди тартар од туна, бродет од сипа со палента, јагнешки котлети и други деликатеси за различни вкусови.
На работ на општината Омишаљ, во близина на селото Рудина е кршкиот феномен, пештерата Бисерујка. Долга е 110 метри и богато е накитена со сталактити и сталагмити. Своето име го добива според легендата за пиратско богатство што е пронајдено во неа.
Го крстосавме островот Крк, кој не случајно во антиката го добил името Златен Остров, за кој се верува дека е поврзан со бројот седум – во седмиот век го населиле Хрватите, седум пати се бранел од пиратите, седмиот по ред кнез Франкопан е последниот принц на Крк… По три дена, ја напуштивме оваа оаза на мирот и спокојството, со желба и ние да се поврземе со бројот седум. Следната шанса е во октомври, кога се одржува гастрономската манифестација „Крк фуд фест – од вкус до вкус, есенски вкусови“…, доколку пред тоа летово Крк не биде нашата дестинација за одмор.