Демократите во американскиот Конгрес синоќа потврдија дека ќе ја дадат на суд поранешната директорка за комуникации во Белата куќа, Хоуп Хикс, откако сослушувањето во Конгресот вчера помина неуспешно.

Белата куќа до последен момент се обидуваше да го спречи нејзиното појавување во Конгресот, и на сослушувањето синоќа пред Комитетот за правосудство на Претставничкиот дом таа се појави со неколку адвокати кои ја советуваа да не одговара на прашањета од конгресмените.

По објавувањето на извештајот на специјалниот обвинител Роберт Малер, првпат пред демократските законодавци се појави сведок кој потекнува од најблискиот круг на претседателот Доналд Трамп.

Од Хикс, консултант за односи со јавноста и поранешен фото модел, Комитетот побара сведочењето да биде отворено за јавноста. По долгите преговори и одбивањето од страна на Белата куќа, сесијата прашања и одговори сепак се одржа зад затворени врати.

Но, на десетиците прашања немаше одговори. Советувана од своите адвокати, Хикс или одбиваше да одговори на прашањата или пак одговараше со „приговарам“.

Таа одбиваше да одговари и на такви прашања како „кое беше вашето место во Белата куќа“, изјавија синоќа за Си-Ен-Ен некои членови на комисијата.

Законодавците сакаа да дознаат за шест ситуации кога можело да има нарушување на законот, како за врема на предизборната кампања на Трамп во 2016 година, така и за време на неговото претседателствување.

Сепак, адвокатите на Белата куќа се повикуваа на нејзиниот имунитет и можноста да не одговара на прашања поврзани со работата на Администрацијата, иако Хикс претходно сведочеше пред тимот на Малер.

На сослушувањето синоѓа во Конгресот таа не одговори апсолутно ништо на прашањата поврзани со работата на Белата куќа, и само се согласи да предаде документи кои се однесуваат на изборната кампања на Трамп.

Демократите изјавија дека постапката ќе ја предадат на суд, за да ја принудат да одговори на прашањата.

-Сметам дека ова е почеток на процес со поднесување тужба во Суд, изјави Дејвид Чичилине, член на Претставничкиот дом.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/06/2019 15:16