Улогата на Западот во решавањето на прашањето со името меѓу Македонија и Грција е позитивен пример за политичките напори на ЕУ, се наведува во препораките од Германскиот маршалов фонд во САД по направеното истражување под наслов „Заговорниците на рускиот наратив на Западниот Балкан", во кое се објаснува порастот на анти-западното и про-руското влијание од локалните, државни и невладини ресурси, што ги промовираат руските интереси во регионот.

– САД и ЕУ треба да бидат поприсутни во разни регионални инцијативи и политички гледишта ако сакаат да ги претстават интересите на Западниот Балкан и да ја спречат руската амбиција за ширење на влијанието, стои во препораките, пренесува Гласот на Америка.

Во истражувањето акцентот е ставен врз три неодамнешни политички случувања и тоа промената на името во Македонија, последната фаза од предизвиците меѓу Србија и Косово и изборите во Босна и Херцеговина.

– Генералното разочарување од Западот е клучно за поголем успех на наративот за ширењето на руското влијание, се наведува во извештајот на Анасиа Методиева.

Западниот Балкан, се посочува, е еден од многуте арени на конфронтација меѓу Русија и Западот. Две компоненти се важни за оваа геополитичка битка во регионот – генералната разочараност од политиката на Западот и православните/ортодоксни врски со Русија. Во истражувањето се споменува и евро-атлантскиот скептицизам и сеќавањето за воените операции на НАТО во 1990-те. Гледиштата за членството во ЕУ се дијаметрално спротивни – со поддршка од огромно мнозинство во Албанија, Косово и Македонија, па се до незаинтересираноста во Србија.

Според аналитичарот Иван Крастев, европската интеграција ја губи моќта за привлечност на Западниот Балкан.

– Поентирајќи на картата на анти-западно расположение, Русија ја турка алтернативната идеја за Ортодоксно братство, што е евтин потег за поголемо влијание врз локалното население, вели Крастев.

Руското економско влијание врз Западниот Балкан е во пораст, особено во енергетскиот сектор. Газпром, пренесува Гласот на Америка, веќе доминира на локалните пазари во Србија, Босна и Херцеговина и Македонија со потпишување долгогодишни договори за испорака на руски гас.

Во анализата од Германскиот Маршалов план во САД, се вели дека на Западниот Балкан е или стреми кон НАТО. Во февруари, Македонија потпиша договор за членство, Црна Гора влезе во 2017-ма, а Хрватска и Албанија веќе се членки на НАТО. Србија ги продлабочи врските со Алијансата изминатите години иако меѓу Србите е свежо сеќавањето за бомбардирање од НАТО во 1990-те.

Рускиот наратив ги поткопува можностите на регионот, во време кога ги користи политичките грешки на Западот.

– Русија отворено е против на влезот на Северна Македонија во НАТО, игра на картата на „Големиот брат" за Република Српска и реагира како заштитник на Србија во време кога бара да се наметне во улога на медијатор за косовското прашање. Руските платеници во регионот, придонесуваат за неколку стратешки цели на Кремљ на Западниот Балкан – дека со политичка криза ширум регионот се забавува севкупната евроатланска интеграција, се посочува меѓу другото во анализата.

Во заклучокот се наведува дека и новинарите на Западниот Балкан треба да ја кренат свеста за напорите на руските платеници кои сакаат да влијаат со манипулирање во медиумите.

– Новинарите треба да ги поддржат локалните и меѓународни креирачи на мислењето во обидите да ги детектираат и отстранат лажните вести при промовирање на новинарските стандарди, базирани врз факти, се вели во аанализата на Германскиот Маршалов фонд во САД.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/06/2019 17:51