Првото нешто што ви паѓа на ум кога ќе се спомене градот Бар во Црна Гора сигурно е пругата Белград – Бар и дека е едно од најголемите пристаништа на брегот на Јадранско Mоре. Но, таа перцепција може да ја имаат само тие што подолго време не летувале во овој град на јужниот дел на најмалата балканска држава.
И токму пристигнувањето во Бар, откако ќе го поминете живописниот брег на Сутоморе, пред вас излегуваат големото пристаниште со засидрениот огромен брод на „Јадролинија“, воените бродови и чамци и непрегледната марина.
Но, само стотина метри понатаму почнуваат плажите, кои полека се полнат на почетокот на годинашната сезона. Секако, веднаш се препознава таа пред летниот дворец на единствениот црногорски цар Никола, пред хотелот „Принцес“, каде што беа сместени новинари од повеќе држави во регионот и од Словачка, како и од МИА, кои престојуваа во студиска посета на Црна Гора, во организација на FIJET Србија.
Бар, град на два брегa
Бар е град на два брегa – морскиот и волшебниот на Скадарско Eзеро, кое е и Национален парк на Црна Гора. Токму таа предност ја потенцира и нашиот домаќин Емил Кукаљ, директор на Туристичката организација на овој град.
– Да, Бар е препознат како пристаништен град. Бар, исто така, е поврзан со железница со Србија, но тоа што е најважно да се каже дека навистина Бар стана вистинска туристичка дестинација. Значи, не е веќе само пристаништен град, туку е е град што има понуда за сè поголем број туристи кои доаѓаат тука, вели Кукаљ.
Додава дека, покрај одморот на плажа и уживањето во морето и сончањето, Бар има уште понуди – културен туризам и мошне квалитетни понуди за активен одмор.
– Тука би ги издвоил пешачките тури, адреналиските тури, но исто така и Националниот парк Скадарско Езеро, кое е еден од бисерите на нашата туристичка понуда. Регионот на езерото е многу популарен меѓу туристите каде што, покрај крстосувањето по езерото, нашите посетитили може да ги дегустираат традиционалните производи од овој крај, посебно виното и производите од риба, додава директорот на Туристичката организација на Бар.
Пред да се увериме во убавините на Скадарско Езеро, љубезните домаќини прошетката по Бар ја почнаа со посета на маслиновото дрво, старо 2.240 години, кое сè уште е родно, лоцирано на местото Мировица. Местото го добило името заради тоа што во минатото семејствата кои биле скарани тука се помирувале, како и црногорските војсководци, кои, исто така, тука ги закопувале воените секири.
– Пред четири години е изработена анализа на стеблото во Истанбул и се смета дека е меѓу најстарите три стебла во светот, од кои едно е во Израел, едно во Грција и ова тука, информира Тања Андриќ од Културниот центар на Бар.
За најстарото маслиново дрво е поврзана една традиција, според која, околу него се прават три круга – еден за среќа, еден за здравје и еден за љубов.
Посетата на Бар ја продолжуваме по Стариот град, за кој домаќините велат дека е најголема туристичка атракција. Денешните остатоци во најголем дел потекнуваат од владеењето на Млетачката Република. Посебно атрактивни се акведуктот од турскиот период, кој е обновен, потоа готичко-ренесансната црква „Света Катерина“, турскиот амам, летниот амфитеатар, каде што се одржуваат голем број културни настани.
– Пристапот до самиот стар град е извонреден, бидејќи поминувате низ времето. Има голем број мали продавници, преку кои може да се почувствува духот на сите времиња на градот, објасни Ивана Дабановиќ, водичка низ Стариот град Бар.
По Скадарско Езеро со брод и до црногорскиот Алкатраз
Вториот ден од нашиот престој во Бар помина во незаборавен ден на Скадарско Езеро кај Вирпазар и неколкучасовно крстосување со брод, надополнето со традиционалната црногорска лозова ракија, вино, сирење, мекици и мед. Првата средба со овој питом и живописен крај е во информативната канцеларија за прием на туристи. Веднаш се забележуваат големиот број чамци и мали бродови, но и џагор од многу светски јазици.
Тука сезоната почнува во март, а завршува кон крајот на ноември. Две третини од езерото припаѓаат на Црна Гора, а една третина на Албанија.
– На нашата територија, на Општина Бар ѝ припаѓаат островите со манастирите во езерото од 13 и 14 век, кои се посветени на успение на света Богородица. Имаме и разновиден животински свет, а Скадарско Езеро се издвојува по присуството на птицата пеликан, потоа колониите на корморани, чапјите и други. Кај нас туристите имаат можност за активен одмор преку кајак-тури, со изнајмување кајак, изнајмуваме велосипеди, пешачки тури, од која најатрактвна е панорамската маршрута, која е долга 115 километри, а почнува од Вирпазар и е наречена „Меѓу два волшебни брега“, бидејќи може да се видат и двата брега, рече Сара Јовичевиќ од Туристичката органиција на Бар.
Шарматните Јелена и Сњежана нè поведуваат кон бродот со кој ќе пловиме по Скадарско Езеро. Нè послужуваат со ракија, вино, мекици, сирење и мед. Пеликаните ги има насекаде низ езерската шир, но сепак највпечатлив е црногорскиот Алкатраз, затвор на остров во езерото од времето на турското владеење, кој сега е голема колонија на птиците.
По неколкучасовно крстосување по езерото полека нè совладува горештината и се упатуваме кон винарницата „Машановиќ“, каде што најдовме спас во прекрасниот студен вински подрум. Срдечните домаќини ни ги претставија своите вина, кои освојуваат голем број награди на саеми во земјата и во странство. Подготвената софра и вината од ова винарница едноставно ве пуштаат во светот на оригиналните вкусови и не забележувате како поминува времето и се наближува заминувањето назад и подготовката за прекрасната вечера во Коноба „Рибар“, лоцирана на стариот пат кон Улцињ, со прекрасен поглед на морето.
Изненадување во Велики Пјесак во „XXL“
Нашиот „шеф“, колегата Ѓорѓе Михајловиќ, направи измена во програмата за третиот ден со посета на летниот дворец на единствениот црногорски цар Никола, но умешно го криеше изненадувањето, за кое само најавуваше дека ќе посетиме некој негов пријател на пат кон нашата следна дестинација, Улцињ.
По дваесетина минути и спуштање низ тесни улички во начичканата населба кај Велики Пјесак стасавме до ресторанот и пансион „XXL“, сопственост на господинот Славко Петровиќ. Нè пречека маса полна со храна од морето, сервирана по сите гастрономски правила и прописи. Скромниот сопственик, кој работи повеќе од две децении, се надева дека ресторанот под негово водство ќе работи уште долги години, а ја раскажа и приказната за Велики Пјесак и неговата микроклима.
– Во седумдесеттите години на минатиот век тука доаѓале експерти од Брисел и ја проучувале микроклимата од Улцињ до Умаг. Тие дошле до констатација дека секаде дува ветрот маестрал, но тука штом зајде сонцето, половина час потоа, почнува да дува ветрот горњак, кој доаѓа дури од албанските планини. Ветрот со себе носи поленов прав и тука луѓето од урбаните краеви, како што се Белград, Москва и други доаѓаат со деца кои имаат проблеми со бронхиите и по два часа тука на оваа плажа децата немаат повеќе никакви проблеми и нормално дишат, раскажa Петровиќ.
Времето во „XXL“ помина бргу. Со црногорска лозова ракија, но и со сок од калинка и бозел, многу муабет и објаснување за храната која беше сервирана, а за која дел од нашите колеги кажаа дека е вистинска гозба и за очи и уста, полека се подготвуваме да продолжиме кон Улцињ. Со тешка нога го напуштаме прекрасниот ресторан и пансион на господинот Петровиќ. Ниту малиот сообраќаен инцидент во кој беа удрени возилата со кои се превезувавме не го расипа убавото рaсположение од изненадувањето во Велики Пјесак.
Ристо Тасев