Гибралтар денеска задржа супертанкер Грејс 1 под сомнеж дека носи сурова нафта за Сирија, кршејќи ги на тој начин санкциите на ЕУ против таа земја.
Мапите на провајдерот за финансиски податоци „Рефинитив Ејкон“ покажуваат дека Грејс 1 наполнил иранска сурова нафта на 17 април и доколку тоа се потврди ќе значи дека се прекршени и американските санкции против иранските извозници на нафта.
Владата на Гибралтар наведува во соопштението дека постои основа за сомнеж оти танкерот превезувал сурова нафта кон рафинеријата Бањас во Сирија, која е во сопственост на лице кое е под санции на ЕУ.
Премиерот Фабиан Пикардо истакна дека, со негово одобрување, пристанишните сили и агенциите за спроведување на законот побарале помош од Кралската морнарица при извршување на операцијата.
Во меѓувреме, Велика Британија ја поздрави „цврстата акција“ на Гибралтар, додавајќи дека со таквиот потег е испратена јасна порака оти е неприфатливо кршење на санциите од ЕУ.
– Ја поздравуваме цврстата акција со која се обезбедува почитување на санкциите на ЕУ против сирискиот режим и сакаме да ги пофалиме властите во Гибралтар за успешно спроведената операција, изјави портпарол на британската премиерка Тереза Меј.