Најмалку 11 луѓе загинаа, а над 70 се повредени откако патнички воз рано изутринава удрил во товарен вагон, паркиран на пругата, во источниот дел на Пакистан, соопштија официјални претставници.

– Возот патувал од источниот град Лахоре до југозападниот дел на провинцијата Балочистан, изјави шефот на полицијата Умер Саламат, додавајќи дека при судирот моторот на возот речиси целосно е оштетен, а три вагони излетале од шините.

Според полицискиот службеник Хафез Буги, бројот на жртвите би можел да се зголеми, имајќи предвид дека тројца од повредените се наоѓаат во критична состојба, а има и патници кои се блокирани во внатрешноста на оштетените вагони.

Спасувачките екипи е обидуваат со електрични алати да направат простор и да пристапат до патниците кои се внатре.

– Причината за железничката несреќа се уште не е позната и таа ќе се истражува откако ќе заврши спасувачката операција, истакна шефот на локалната администрација Џамил Ахмед.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/07/2019 11:37