Неподелен е впечатокот дека првата вечер на „Пивофест 2019“ помина во одлична атмосфера и голема посетеност, што во претходните години не беше карактеристика за првиот фестивалски ден, соопштија на денешната прес-конференција организаторите на една од најголемите и најатрактивни летни забавни манифестации „Пивофест“ што синоќа почна во Прилеп.

Посетителите синоќа ги проследија настапите на групата „Прилепски еснаф“, на дуетот Селимова – Желчески, на рок-изведувачите Ѓорѓе Давид и на Ивана Негатив, како и концертот на групата „Галија“, кој привлече огромен интерес кај сите генерации.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, нескриено е чувството на радост што синоќешната вечер помина одлично, на задоволство, како на учесниците и организаторите, така и на посетителите.

– Задоволството е уште поголемо што и на алтернативните сцени беше исто така добро, како и во детското катче и на јавниот простор, така и на Камената бина каде младите се забавуваа до раните утрински часови. Најважно е што сѐ помина во најдобар ред. Вечерва очекуваме да има уште поголема посетеност, не само од нашите сограѓани, туку и од посетителите од другите градови во нашава држава и надвор од неа. Сите екипи се подготвени да одговорат на предизвикот што го носи овој ден и очекувам дека и оваа вечер ќе помине во најдобар ред и дека посетителите, гостите и сите ние ќе бидеме задоволни, истакна Јованоски.

Љупчо Тодоровски и Александар Митриќески, кои се дел од организацијата на „Пивофест 2019“ задолжени за алтернативнот дел од програмата, оценија дека првата вечер на Камената бина на плоштадот „Александрија“ поминала во прекрасен амбиент и не се сомневаат дека понудата за втората вечер ќе биде на задоволство на помладите посетители.

– Пред сѐ, мора да кажеме едно големо „благодарам“ за тоа што имаме можност да бидеме дел од еден ваков голем фестивал. Помина првиот ден со многу посетители и имавме можност да ги чуеме ди-џеј Гејм Овер и Васко Бојаџиски, Марио Еди и „Архитек мјузик“. Вечерва ќе ги проследиме настапите на Александар Миланов, Дејан Декс и Митрик, изјави Тодоровски.

Михајло Миленкоски, одговорниот за детската зона, напомена дека на вчерашната забава присуствувале околу 350-400 деца, кои покажале голема креативност и придонеле да се создаде одличен амбиент. Програмата во детската зона е поделена во два дела, првиот од 9 до 12 часот и попладневниот дел кој почнува во 18 часот, а завршува со детското кино во 21 часот.

Во втората вечер на „Пивофест 2019“, главната бина е резервирана за настапите на Миле Кузмановски, Ален Хасановиќ, Уска Кан и Демир Кантуровски, а вечерта ќе ја затвори Светлана „Цеца“ Ражњатовиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/07/2019 20:42