Иранската Револуционерна гарда соопшти денеска дека запленила британски танкер со нафта во стратешкиот Ормуски Проток, бидејќи бродот ги нарушувал „меѓународните морски правила“.

Танкерот „Стена Имперо“ пловел под британско знаме, чија крајна дестинација била Саудиска Арабија, објави Би Би Си.

Сопствениците на „Стена Имперо“ соопштија дека загубиле контакт со бродот, кога тој „се упатил кон Иран“. Според компанијата, на бродот има 23 членови на екипаж, а според последните информации, кон него се приближувале „неидентификувани мали чамци и хеликоптер“. Тоа се случило во Ормускиот Проток.

Британскиот Форин офис објави дека во тек е итна проверка на информацијата, а владиниот вонреден комитет Кобра ќе се сретне по повод инцидентот.

Тензиите меѓу Иран и Велика Британија се зголемија во последните две недели, откако властите во Гибралтар со помош на британската морнарица го запленија иранскиот танкер со нафта „Грејс-1“ под сомнеж дека илегално превезува нафта за Сирија. Тоа ги влоши односите меѓу Техеран и Лондон, по што иранските власти се заканија со преземање реципрочни мерки.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/07/2019 23:43