Јужнокорејски борбени авиони денеска испукале истрели за предупредување, откако руски воен авион го повредил воздушниот простор на Јужна Кореја, изјави неименуван претставник на владата, пренесе ДПА.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските воени авиони не го нарушиле воздушниот простор на други држави при лет над Јапонското Море. Според нив, авионот ТУ 95МС летал во согласност со договорен план, во согласност со меѓународното право, на оддалеченост од 25 километри од островот Токто.
Руското министерство истакна дека ова не е првпат корејски пилоти да се обидуваат да попречат летови на руската авијација над неутрални води на Јапонското Море, и додаде дека јужнокорејските авиони не испукале ниту еден истрел за предупредување.
-Немаше никаков истрел за предупредување. Ако руските пилоти почуствуваа закана за својата безбедност, ќе следеше одговор, истакнаа од руското МО.
Како што наведува јужнокорејското Министерство за одбрана, три руски воени авиони првично влегле во јужнокорејската одбранбена идентификациска зиона на источниот брег, по што еден од нив влегол и во воздушниот простор на оваа земја, јавија западните агенции.
-Авионот по истрелите го напушти воздушниот простор на Јужна Кореја, но подоцна се врати и повторно го повреди, рече претставникот на министерството, кој сакаше да остане анонимен, и кој додаде дека јужнокорејските ловци повторно испукале истрели за предупредување.
„Рускиот авион во ниту еден од случаите не возврати“, наведе претставникот на министерството.
Според него, ова е првпат некој руски авион да го повреди воздушниот простор на оваа земја.
Тој кажа дека трите руски авиони во јужнокорејскиот воздушен простор влегле заедно со три кинески авиони и додаде дека засега не се знае дали тоа го сториле намерно.
Пред заедничкиот лет, кинеските авиони влегле во одбранбената идентификациска зона од југозападниот брег.
Американскуите медиуми наведуваат дека кинеските авиони во текот на изминатите години повремено влегувале во одбранбената идентификациска зона на Јужна Кореја.
Јужникорејското Министертство за одбрана соопшти дека планира во текот на денешниот ден да ги повика претставниците на руската и кинеската амбасада за да им врачи протест.