Кинескињата Ли Јанксија (54) која своевремено беше величана како филантроп затоа што посвоила 118 деца, е осудена на 20 години затвор.

Суд во провинцијата Хебеј денеска ја прогласи за виновна за изнуда, измама, фалсификување и „вознемирувачки социјален поредок“.

Поранешната сопственичка на сиропиталиште, кој некогаш беше нарекувана „мајка љубов“ исто така треба да плати и 2,67 милиони јуани (388.000 долари).

Осудени се и 15 соучесници, меѓу кои е и нејзиното момче.

Судот утврди дека Ли Јанксија, исто така позната и како Ли Лиџуан, „го злоупотребила влијанието на сиропиталиштето“.

– Таа извршила измама заедно со банда за да добие огромна економска корист, објави Градскиот народен суд во градот Вуан на својата интернет страница на Вајбо.

Нејзиното момче Ксу Ки, е обвинето за „вознемирувачки социјален поредок“, изнудување, измама и нанесување намерни повреди. Тој доби казна од 12,5 години затвор и парична казна од 1,2 милиони јуани.

Некои од другите 14 соучесници добија затворски казни до четири години.

Ли првпат стана славна во 2006 година, откако медиумите дознаа дека посвоила десетици деца во нејзиниот роден град Вуан, мал град во провинцијата Хебеј.

Таа тогаш изјави дека некогаш била во брак, но се развела и обвини дека нејзиниот поранешен сопруг го продал својот син на трговец со луѓе за 7.000 јуани. Ли рече дека успеала да го врати синот – и тогаш одлучила дека сака да им помага на други деца.

Со текот на годините таа стекнува значително богатство и станува една од најбогатите жени во Хебеј. Во 1996 година купила рудник за железо.

– Честопати гледав едно пет-шестгодишно девојче кое трчаше околу рудникот. Татко и починал … мајка ѝ побегнала … па го зедов девојчето во мојот дом. Таа беше првото дете што го посвоив, изјави тогаш таа за локалниот весникот на Хебеј „Јанжао Метрополис Дејли“.

Таа потоа продолжила да посвојува десетици други деца и на крајот отвори сиропиталиште, кое го нарече „Село на љубовта“. За неа често се пишувало во медиумите, вклучувајќи и некои извештаи дека се борела со рак и го потрошила целото свое богатство.

Бројот на деца под нејзина грижа го достигнал врвот во 2017 година, кога имала 118 деца.

Владата тогаш доби дојави од локални граѓани кои предупредувале на сомнителни активности.

Во мај 2018 година, полицијата утврдила дека имала повеќе од 20 милиони јуани и 20.000 американски долари на своите банкарски сметки, и поседувала луксузни возила како Ленд Ровер и Мерцедес Бенц.

Тогаш беше откриено дека таа се занимавала со нелегални активности од 2011 година.

Ли, исто така, манипулирала со некои од нејзините посвоени деца да попречуваат работа на градилишта, па така во еден случај ги терала да трчаат под камиони за да спречи изградба. Таа тогаш ги уценувала градежните компании.

Таа исто така собирала пари под изговор дека ќе гради „Село на љубовта“.

Ли во мај беше ставена во кривичен притвор, а во селото од каде што беше уапсена останаа 74 деца. Тие потоа беа префрлени во разни други владини и училишни објекти.

Многумина на социјалните медиуми во Кина ги осудија нејзините акции, нарекувајќи ја „волк во овча облека“.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2019 14:44