Шпанија ќе организира четврти парламентарни избори во последните неколку години, кои можат да се одржат на 10 ноември, објави шпанскиот весник „Ел Паис“.

Новите парламентарни избори во Шпанија ќе се организираат откако вршителот на должност премиер Педро Санчез денеска не успеа да добие просто мнозинство гласови неопходни за формирање на влада.

Санчез и на второто гласање оваа недела не успеа да добие доверба за новата шпанска влада од вкупно 350 пратеници во Парламентот.

Санчез денеска беше поддржан од 123 пратеници од неговата Социјалистичката работничка партија (ПСОЕ) и од еден пратеник од маргиналните регионални партии, додека 155 пратеници се изјаснија „против“, а 67 пратеници беа „воздржани“.

Пратениците на ултралевичарската партија Подемос на денешното гласање се изјаснија како „воздржани“

Санчез пред гласањето изјави дека пропаднаа коалициските разговори со Подемос.

– Договор не беше можен, изјави Санчез пред да се изјаснат пратениците.

Лидерот на Подемос, Пабло Иглесијас го повика Санчез да ги продолжат преговорите, со цел да не се одржат нови избори.

Сега Санчез треба да одлучи дали ќе се обиди да побара поддршка од Парламентот до 23 септември или ќе се одлучи за нови избори кои би можеле да бидат одржани 10 ноември.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2019 20:34