Индиските власти ќе распоредат 10.000 припаднци на паравоените сили во немирната северна држава Џама и регионот Кашмир, со цел да ја засилат операцијата против бунтовниците, пренесуваат медиумите.

Одлуката за испраќање на паравојската е донесена откако од Кашмир се врати националниот советник за безбедност Ајит Довал, кој со високите кашмирски функционери ја разгледа безбедносната ситуација во државата.

Во наредбата на Министерството за внатрешни работи се наведува дека дополнителните сили се распоредуваат да ја засилат „мрежата за борба против бунтовниците“, како и да го оддржат законот и редот, пренесува телевизијата НДТВ.

Паравојниците ќе бидат префрлени со авиони од различни делови на земјата во оваа немирна покраина.

Паравојската се распоредува во екот на безбедносната офанзива на индиските сили и повикот на лидерот на Ал Каеда, Ајман ал Завахири, до борците да ги засилат нападите во регионот.

Индиската Влада никогаш не објавила никакви бројки, но според неофицијалните податоци во Џама и кашмир има меѓу 300.000 и 500.000 припадници на паравоените и полициските сили.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/07/2019 12:43