Топлиот бран со кој се соочува Европа се заканува да го забрза топењето на мразот на Гренланд, што оваа година почна порано од вообичаено, предупредија климатолозите.
Светската метеоролошка организација соопшти дека топлиот бран ја зафати и Скандинавија и се движи кон Гренланд.
– Имајќи предвид дека бранот се движи преку Арктикот, тој потенцијално ќе донесе голема количина енергија која ќе го топи мразот, како во Арктичкиот океан, така и ледената покривка на копното во наредните три до пет дена, изјави Рут Мотрам, климатолог од Данскиот метеоролошки институт. Според истражувањата на овој Институт, околу 170 гигатони вода се додадени во светските океани како последица на топењето на мраз и снег во периодот од 12 до 26 јули. Околу 100 гигатони вода придонесуваат за зголемување на глобалното ниво на морето за околу 0,28 милиметри.