Моментно не се планира одржување нова средба на врвот меѓу лидерите на САД и на Северна Кореја, Доналд Трамп и Ким Џонг-ун, изјави американскиот државен секретар Мајк Помпео пред Економскиот клуб во Вашингтон.

Во јуни 2018 година во Сингапур се одржа првата историска средба на врвот САД – Северна Кореја, која заврши со усвојување заеднички документ. Пјонгјанг тогаш презеде обврска за нуклеарно разоружување на Корејскиот Полуостров во замена за безбедносни гаранции од страна на Вашингтон.

Втората средба на врвот меѓу Северна Кореја и САД беше на 27 и 28 февруари годинава во Ханој. Трамп и Ким тогаш не успеаја да постигнат договор и не потпишаа заеднички документ.

На 30 јуни двајцата лидери се сретнаа третпат. Средбата се одржа во демилитаризираната зона на границата меѓу Северна и Јужна Кореја. На крајот од состанокот Трамп изјави дека двете страни се надеваат да ги обноват преговорите на работно ниво во рок од две-три недели.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/07/2019 18:33