Триесет и осум проценти од Русите не сакаат претседателот Владимир Путин да управува со државата во уште еден мандат, објави најголемата социолошка агенција во Русија „Левада центар“.
Путин, кој е на власт како претседател речиси две децении, во 2024 година го достигнува уставниот праг од два последователни мандата. Тој беше реизбран минатата година со повеќе од три четвртини од освоените гласови.
Анкетата беше извршена овој месец и во неа е регистрирано зголемено незадоволство од рускиот лидер. Процентот на Руси кои не сакаат Путин да продолжи да управува со државата по актуелниот мандат е најголем во изминатите пет години. Во 2013 година рекордни 45 отсто од Русите не сакаа нов мандат на Путин.
Од друга страна, 54 отсто од анкетираните Руси би сакале Путин да остане на чело на државата, што е зголемување во однос на минатата година, кога тој процент изнесуваше 51 отсто. Само осум отсто од испитаниците не се изјасниле ниту „за“ ниту „против“ нов мандат на рускиот претседател.