Лидерот на полската партија на десниот центар Право и правда Јарослав Качински кажа дека планира во 2023 година да се повлече и направи место за нов лидер на партијата, јавија полските медиуми.
Качински (70) не е член на владата, туку е пратеник, но и покрај тоа е најмоќниот политичар во земјата, кој ја креира политиката на нацијата.
На одбележувањето на кампањата „Семеен пикник“ Качински денеска изјави дека „ за четири години некој друг ќе биде на моето место, бидејќи јас сум веќе во одредени години“, пренесоа американските медиуми.
За време на владеењето на Право и правда полската Влада воведе големи бенефиции за семејството, што се многу популарни меѓу граѓаните, и на партијата и донесоа широка поддршка од избирачите.
Партијата Право и правда, исто така, ја презеде контролата врз правосудството, заради што Варшава се најде на мета на остри критики од ЕУ.
Брисел смета дека владеењето на правото и демократските вредности во Полска се доведени во опасност, а Качински, меѓутоа, ги отфрла сите обвинувања, покрај другите и дека е диктатор.
-Да беше ова диктатура, немаше да имаме опозиција и јавни критики за партијата, рече Качински во селото Кучи-Колонија.
-Ние сме островот на слободата во Европа, истакна тој.
Полска , исто така, упатува критики до ЕУ и наведува дека таа сака поголема моќ во одлучувањето во Брисел.