Ако некој сака да го замени старото возило со ново, ќе има можност да добие субвенција од 2.000 до 3.000 евра. Критериумите за поддршката се уште не се дефинирани, но веројатно ќе базираат на приходите во семејствата, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Бектеши на прес-конференција рече дека ова е една од мерките предвидени со новиот Закон за моторни возила, што беше донесен вчера во Собранието. Ако има ребаланс на Буџетот реализацијата на оваа и останатите планирани мерки ќе почне годинава, а ако не, тогаш средства ќе се обезбедат догодина и имплементацијата ќе стартува од 1 јануари 2020.

– Нелогично би било некој да купи возило вредно 30.000 или 40.000 евра, а да добие субвенција, рече министерот, образложувајќи ги мерките.

Тој информира дека сите таксисти, вклучувајќи ги и постојните, регуларно регистрирани, ќе треба да стават жолти таблички што ќе значи не само исполнување на нивното барање, туку и поголема сигурност за граѓаните.

Сопствениците на моторни возила сами ќе одлучуваат дали да набават еколошка налепница, а ингеренциите за нејзиното доделување ќе го имаат општините кои воедно ќе одлучуваат и дали ќе се воведува некаков сообраќаен режим ако се процени дека е потребно во однос на загаденоста. Посебни служби ќе утврдуваат кои возила ќе добиваат жолта, црвена или зелена еколошка налепница.

Со Законот се предвидени и субвенции за вградување погон за алтернативни горива кај возилата и не се отфрла можноста со оваа мерка да бидат опфатени и оние кои оваа година ставиле плин.

– Во почетокот на септември ќе има јавна дебата за да се дефинираат точно мерките кои се веќе содржани во Законот, нагласи министерот Бектеши.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/07/2019 14:07