Британскиот премиер Борис Џонсон денеска престојува во посета на Северна Ирска, во рамки на турнејата по Обединетото кралство, на која го претставува својот план за Брегзит – со или без договор.
Прашањето за границата меѓу Република Ирска – членка на Европската унија и на Северна Ирска, која заедно со Велика Британија ќе излезе од Унијата, е една од главните пречки во преговорите за Брегзит. Брисел инсистира на безбедносен механизам (backstop), со кој би се спречило враќање на контролата на таа граница доколку во преодниот период не се постигне трговски договор.
Таквото барање за Џонсон е недемократско и се заканува дека Британија ќе ја напушти ЕУ без договор доколку Брисел не се откаже од тоа барање. Џонсон смета дека со помош на технологијата може да се осигура преминување на границата без застој, дури и ако Британците усвојат поинакви царински правила и регулации.
Пред лидерите на северноирските политички партии, Џонсон рече дека останува обврската на владата за зачувување на ирскиот мировен договор, како и враќање на „тврда“ граница меѓу Северна Ирска и Република Ирска, без разлика каков Брегзит ќе има.
– При дискусиите за Брегзит, премиерот јасно посочи дека Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 31 октомври без разлика на се, но ја повтори намерата тоа да се случи со договор, изјави портпаролката на британската Влада.
– Ирска нема да биде принудена да влезе во разговори за британското излегување од ЕУ, изјави денеска ирскиот премиер Лео Варадкар, по несугласувањата меѓу Лондон и Даблин за постоењето на „бекстоп“. Џонсон бара Даблин да ја повлече таа клаузула, но ирскиот премиер потенцира дека неговата земја ќе се држи до веќе искажаните позиции.