Рускиот претседател Владимир Путин и нареди на руската армија да помогне во борбата против шумските пожари кои горат ширум Сибир и зафатија област со големина на Белгија.

Русија вчера во четири региони прогласи вонредна состојба поради пожарите. Мерките се однесуваат на целата територија на регионите Иркутск и Краснодар, два реони на Бурјатија и еден во Јакутија, јавија руските медиуми.

Вкупната површина на пожарите изнесува околу 2,7 милиони хектари, соопшти вчера рускиот премиер Дмитриј Медведев на средба со вицепремиерот и министер за природни ресурси Дмитриј Кобилкин.

Путин после денешниот состанок со министерот за вонредни ситуации Евгениј Зиничев му нареди на Министерството за одбрана да се приклучи во борбата против пожарите, соопшти Кремљ.

Портпаролот на Гринпис за Русија Ален Алаквердов изјави дека постои опасност ова да бидат најкатастрофалните пожари откако Владата го донесе правилникот во 2015 година според кој властите можеле да игнорираат пожари кои не претставувале директна закана за луѓето и имотот.

– Поради климатските промени, гледаме многу поголема зачестеност на екстремни временски појави, рече Оксана Тарасова, шефица на Одделот за истражување на атмосферата и заштита на животната средина при Светската метеоролошка организација во Женева.

Според неа, се почесто се регистрираат подолги периоди без дожд и со повисоки температури кои создаваат идеални услови за такви пожари.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/07/2019 22:42