Стотици илјади лица од Јужна Европа ги напуштија своите татковини во правец на Западна Европа. Компаниите се воздржуваат да инвестираат, бидејќи им недостига персонал. Германија профитира.
„Ние сме нација во исчезнување”, се жали шефот на романската компанија „Каларфул”, која се занимава со наоѓање специјализирани човечки ресурси, Маријан Хангану, за масовното иселување на младите од земјата. „Резултатот е што многу мултинационални компании одлучија веќе да не инвестираат во Романија, бидејќи нема персонал.”
Слична е ситуацијата и во соседна Бугарија. „Економијата почнува да откажува договори, бидејќи нема кадар”, вели министерот за економија Емил Караниколов за бугарска телевизија. Многу луѓе од Југоисточна Европа заминуваат во Германија, Италија или во Шпанија. Платите во татковината растат, но во помал обем.
Компании, експерти и политичари од Будимпешта до Атина се загрижени. Токму атрактивните за пазарот на трудот млади, добро школувани лица ги напуштаат своите татковини. Стручен кадар недостига насекаде. Повеќе од два милиона Романци, според проценките на властите, живеат во странство, повеќето во Шпанија и Италија. Егзодусот во соседството е сличен. Повеќе од 700 илјади Бугари, според официјални податоци, си нашле нов дом во некоја од земјите на ЕУ. Од Хрватска, според студија на Националната банка во Загреб, во периодот од 2013 до 2016 година мигрирале вкупно 230 илјади лица во ЕУ. Тоа се 2 проценти од населението на годишно ниво. Од Грција, по почетокот на финансиската криза, во 2010-та, според проценки на синдикатите, си заминале најмалку 400 илјади претежно млади лица. Дури и во Унгарија, која досега важеше за една од најдобро развиените држави во регионот, по глобалната криза во 2008 имало бран на миграција, кој од 2010 година е засилен, тврди во студија социологот Агнес Харс од Будимпешта. Од 2010 до 2017 година повеќе од 200 илјади Унгарци на возраст од 20 до 65 години ја напуштиле земјата и со тоа Унгарија има најголема динамика на иселување од поновите членки на ЕУ. Од 2010 година во Унгарија владее националистичкиот политичар Виктор Орбан.
Работната сила мигрира од Исток кон Запад
На Кристина Миху одлуката да се пресели во Германија ѝ паднала лесно. Таа во училиштето во Дева во романската провинција Трансилванија учела германски како втор странски јазик. За време на студиите по медицина во Темишвар, родителите ѝ финансирале три пракси на клиники во Италија, Шпанија и во Хајделберг.
„Јас сакав да имам меѓународно искуство”, вели 32-годишната интернистка, која работи на клиниката во Нирнберг. Веќе шест години живее таму. Покрај можностите подобро да заработува, една од причините што се иселила била и широко распространетата корупција во здравствениот систем во Романија. „Ми пречеше, иако состојбата порано беше уште полоша”, вели Миху.
Во Југоисточна Европа, пак, недостигот на лекари и негуватели е широко распространет проблем. Во унгарското гратче Шолнок морало привремено да биде затворено инфективното одделение. Окружната болница во романското гратче Тулчеа веќе нема анестезиолози, бидејќи од тројцата кои работеле таму двајца си дале отказ, а третиот се разболел.
Младите трајно го напуштаат Балканот
Романски бизнисмени се обидуваат да привлечат кадар од подалечниот исток за да го затворат јазот на побарувачка и понуда. Владата за годинава утврди контингент од 20 илјади лица работна сила од земји кои не се членки на ЕУ. Но тоа, според Хангану, е само игла во сено.
Во Романија недостигаат најмалку 300 илјади лица работна сила. Соработката со гастарбајтери од Блискиот Исток често не успевала, бидејќи многумина од нив не ги поднесуваат климата и храната во Романија, вели Андреа Тартакан, соработничка на Хангану. „Се обидуваме барем за градежниот сектор да најдеме работници од Таџикистан. Тие физички се поиздржливи отколку Виетнамците, бидејќи доаѓаат од степски области”, смета експертката. И во Бугарија се вработуваат гастарбајтери, иако не од толку далечни земји како во Романија. Во туристичките области на Црно Море доаѓаат келнери и собарки од Украина, Белорусија и од Молдавија.
Западната политика по сѐ изгледа дополнително е магнет за миграција. Во сиромашното Косово германскиот министер за здравство Јенс Шпан неодамна посети училиште во кое се обучуваат негуватели за во Германија. И престижното германско училиште во Призрен е појдовна точка за иселување. На 30-на матуранти од секоја генерација им се нуди договор за натамошна наобразба во Германија. Ретко кој по обуката се враќа во Косово. Институтот за истражување на пазарт на трудот и професиите со седиште во Нирнберг смета дека Германија профитира од доселениците од Југоисточна Европа. „Тоа најчесто се млади луѓе, квотата на вработени е речиси споредлива со Германците”, вели Херберт Брикнер од Институтот. Во некои бранши, како градежната и гастрономијата, како и во делот на негувателите, би било тесно без нив, бидејќи ретко се наоѓа Германец за истата позиција, нагласува Брикнер и додава: „Таму нема конкуренција”.