Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун вчера надгледуваше уште едно тестирање на повеќекратниот систем за лансирање на ракети, со кој би се зголемила способноста на Пјонгјанг да нападне цели во Јужна Кореја и американските бази во таа земја, објави денеска севернокорејската новинска агенција КЦНА.

Северна Кореја соопшти дека вчера е тестиран истиот ракетен артилериски систем како и во средата.

КЦНА наведува дека Ким изразил „големо задоволство“ од тестирањето, за кое Агенцијата тврди дека било успешно. При тестирањето потврдена е контролата на висината, способноста за промена на движењето, прецизноста и експлозивната сила на боевата глава на наведувачката ракета.

Претходно, јужнокорејската армија соопшти дека Северна Кореја двапати истрелала проектили од својот источен брег во третата рунда тестирање за повеќе од една седмица.

Според експертите Пјонгјанг го интензивирал тестирањето на проектили со цел да изврши притисок врз Вашингтон и Сеул поради застојот во нуклеарните преговори со САД и планираните американско-јужнокорејски воени вежби.

Тие предвидуваат дека во следните месеци може да се очекува понатамошна демонстрација на воените капацитети на Северна Кореја, ако не се постигне напредок во преговорите.

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека тестирањето ракети можеби ги кршат резолуциите на Обединети нации, но не и договорот помеѓу него и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Трамп на Твитер напиша дека Пјонгјанг изминатите денови тестираше три ракети со краток дострел и оти тоа не е во спротивност со нивниот потпишан договор во Сингапур, иако не разговараа за ракетите со краток дострел кога се ракуваа.

– Ким не сака да ме разочара, наведе Трамп, додавајќи дека се неограничени потенцијалите на Северна Кореја под водство на Ким.

Трамп истакна и дека „постои и многу тоа што Пјонгјанг може да изгуби“.

– Можеби грешам, но верувам во тоа, посочи Трамп.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/08/2019 13:41