Како што дроновите стануваат се понапредни, а терористите можат да почнат да ги користат за смртоносни напади, предупреди денеска европскиот комесар за безбедност, Џулијан Кинг.

Тој во интервју за германскиот весник „Велт ам зонтаг“ посочи дека дроновите можат да бидат употребени за напади врз европските градови и нивните жители.

– Дроновите се се помоќни и понапредни и затоа се се попривлечни за легитимна употреба, но и за непријателски акции, истакна Кинг.

Тој наведе дека Европската комисија ги поддржува напорите на земјите-членки на Европска Унија за формирање на мрежа за размена на информации, за зголемување на меѓународниот ангажман и за обезбедување средства за проекти за справување со опасноста од дронови.

Весникот го објави сценариото на француската антитерористичка агенција според кое беспилотните летала би можела да фрлат биолошки отрови на фудбалските стадиони.

„Велт ам зонтаг“ повикувајќи се на неименувани извори, посочува дека Француската единица за координација во декември минатата година доставила таен извештај за опасноста од таков терористички напад.

Дроновите се користат за воени потреби од 60-тите години на минатиот век и имаа клучна улога во конфликтите од почетокот на Заливската војна во 1991 година.

САД и Израел доминираат на пазарот на воени беспилотни летала, додека Кина е на прво место по производство на дронови за цивилна употреба.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/08/2019 14:22