Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска во Сиднеј побара помош во спротивставувањето на Иран во однос на поморската безбедност, но Австралија одговори дека „сериозно ќе го разгледа прашањето“.

– Се надевам дека Австралија ќе биде наш партнер кога станува збор за некои од најважните надворешнополитички предизвици на нашето време, како што е стабилизација на Сирија, ослободување на Авганистан од теророт и спротивставување на неиспровоцираните напади од Исламска Република Иран врз меѓународниот поморски сообраќај во Ормутски Теснец, изјави Помпео.

Австралиската министерка за одбрана Линда Рејнолдс изјави дека каква било одлука ќе се заснова на националните суверени интереси, додавајќи оти се уште не е донесена одлука.

– Барањето што го достави САД е многу сериозно и затоа сега многу сериозно го разгледуваме. Никаква одлука не е донесена, посочи Рејнолдс.

Двете страни изразија и загриженост поради зајакнувањето на кинскиот воен потенцијал во Јужно Кинеско Море, но Австралија изрази внимателност кога станува збор за интензивирање на судирите. Американскиот секретар за одбрана Марк Еспер наведе дека САД ќе ги консултираат сојузниците во Европа и во Азиско-пацифичкиот регион за распоредување на ново конвенционално оружје откако е суспендиран Договорот за елиминација на нуклеарното оружје со краток и среден дострел (ИНФ) со Русија.

Шефицата на австралиската дипломатија Марис Пејн избегна да одговори на прашањето дали Австралија ќе дозволи распоредување на такво оружје на нејзина територија, истакнувајќи оти Кина е важен австралиски партнер.

САД имаат проблем со формирање на меѓународна коалиција во Персиски Залив, која би штитела трговските бродови во Ормутски Теснец, бидејќи сојузниците стравуваат од судир со Иран. Вашингтон бара секоја земја да обезбеди воена придружба за бродовите, како поддршка на американската армија, која го обезбедува воздушниот надзор.

Европејците ја одбија понудата истакнувајќи дека се против американската политика на „максимален притисок“ врз Иран и оти сакаат да го зачуваат нуклеарниот договор со Техеран, постигнат во 2015 година.

Помпео наведе дека е убеден оти ќе биде формирана коалицијата.

– Не треба да се верува во тоа што го пренесуваат медиумите. Се водат многу разговори со сите земји, како и со Австралија. Сите барањето го сфаќаат многу сериозно. Убеден сум дека ќе имаме светска коалиција, посочи Помпео.

Додека Еспер вети нови информации „во следните денови“

– Целта останува иста, без оглед дали ќе биде операција под американска команда или ќе ја води некој друг, некое европско партнерство. Двата начина имаат иста цел: единство на напорите за обезбедување на слободна пловидба, потенцира Еспер.

Франција, Германија и Велика Британија претходно соопштија дека сакаат да ги координираат своите сили и да делат информации со цел да се зајакне поморската безбедност во Персиски Залив, но без испраќање на дополнителни воени сили.

Додека иранскиот генерал Ахмад Реза Пурдастан денеска оцени дека е намален ризикот од избивање на судир во Персиски Залив. Но, набрзо беше објавено дека Иран заплени уште еден странски танкер.

Иран минатиот месец заплени британски танкер во Ормутски Теснец со образложение дека ги прекршил поморските прописи, а потоа запре друг брод, но го ослободи по предупредувањето.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/08/2019 16:35