Европската агенција за гранична безбедност – Фронтекс го толерира кршењето на човековите права од страна на националните гранични служби на надворешните граници на ЕУ, а понекогаш тоа го прави и сама при депортација на мигрантите со авион, наведува германскиот јавен сервис АРД, повикувајќи се на интерни документи.
Според извештајот на телевизијата, постојат стотици интерни документи на Фронтекс кои го докажуваат насилството. Во нив, меѓу другото, станува збор за злоставување на бегалците, бркање илегални мигранти со кучиња и напади со бибер спреј.
Обвинувањата се однесуваат пред се за граничниот персонал во Бугарија, Унгарија и Грција.
АРД наведува дека Фронтекс има можност, како реакција на таквото однесување, да го повлече својот персонал од тие земји. Но досега таква мерка не е преземена никогаш.
– Поради тоа Фронтекс станува соучесник, критикува шефот на консултативниот форум на Фронтекс, Стефан Кешлер.