Обединетите нации упатија итен повик за помош за Зимбабве, предупредувајќи дека помошта им е потребна на повеќе од пет милиони лица, односно на третина од тамошното население, јави Би Би Си.

Светската програма за храна (ВФП) упати барање за помош за Зимбабве во износ од 331 милион долари, во момент кога земјата се бори со последиците од суша, циклон и економска криза.

Дејвид Бесли, кој се наоѓа на чело на ВФП, изјави дека „ земјата е соочена со суша каква што долго време не е видена“, додавајќи дека 2,5 милиона луѓе се веќе на работ на глад. Сушата, исто така, доведе и до раст на цените на храната.

Сушата го намали и нивото на водостојот на вештачкото езеро на хидроцентралата Кариба и автоматски доведе до намалување на производството на електрична енергија, поради што ситуацијата со стуја е многу нестабилна.

Проблеми донесе и циклонот Идаи што земјата ја погоди на почетокот на годината. Огромната бура тогаш зафати и делови од Малави и Мозамбик. Само во Зимбабве беа погодени 750.000 жители, а бурата зад себе остави десетици илјади бездомници.

Министероит за финансии, Мтхули Нцубе, минатата недела изјави дека владата од почетокот на годината со жито обезбедува 757.000 домаќинства, како во руралните, така и во урбаните подрачја. Претседателот на Зимбабве Емерсон Мнангагва вчера сушата ја прогласи за национална катастрофа.

ОН првично побара помош од 294 милиони долари за Зимбабве, но сега најавува дека ќе бидат потребни многу повеќе пари за проблемот да биде решен, бидејќи влијанието на суштата е многу попогубно отколку што на почетокот се мислело.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/08/2019 12:19