Претседателот на Мозамбик, Филипе Њуси, и лидерот на најголемата опозициска група во земјата, Осуфо Момаде, синоќа во Мапуту потпишаа нов мировен договор, јавија светските агенции.

Со договорот двете страни се обврзаа на завршување на повеќегодишното насилство во земјата и спроведување избори.

Со потпишувањето на „Спогодбата за мир и национално помирување“, Њуси и Момаде , лидер на движењето Ренамо, се обврзаа дека мирно ќе учествуваат на изборите закажани за 15 октомври.

На церемонијата на потпишување на документот присуствуваа пет шефови на африкански држави, вклучувајќи го и претседателот на Јужна Африка, Сирил Рамафос, како и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и министерката за надворешни работи на Португалија, Тереса Ребеиро, јавија португалските медиуми.

Португалија, која била колонијална сила во Мозамбик до стекнувањето на нејзината независност во 1975 година, ги поддржа мировните преговори.

Њуси и Момаде на 1 август потпишаа и Договор за прекин на сите воени непријателства.

Двата договора се резултат на повеќегодишните преговори за завршување на повременото насилство до кое доаѓаше и по 1992 година, кога беше завршена 15-годишната граѓанска војна во оваа земја, во која загинаа околу еден милион луѓе.

Во 2014 година беше потпишан првиот мировен договор, но насилството повремено продолжуваше.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/08/2019 16:37