Прочуените „Шпански скали“ (вкупно 136) од 18. век, кои водат до црквата „Тринита деј Монти“, се под заштита на УНЕСКО како светско културно наследство. Но, честопати се и место за почивка на заморените туристи кои го обиколуваат градот.

Сепак, според новите закони за градот, тие не смеат да седат на скалите и сè почесто се наоѓаат во непријатна ситуација – полицијата да ги растерува оттаму. Покрај тоа, на туристите, исто така, им е забрането по славните скали да влечат куфери и торби со тркалца, како и детски колички.

Казната за седење на скалите, е 250 евра, а 400 евра се плаќа доколку ги извалкате или оштетите.

Слични мерки се во сила и во Венеција, каде полицијата патролира околу Плоштадот на свети Марко и другите културни споменици. Таму туристите не смеат да јадат или „кампуваат” на скалите и околу спомениците, ниту, пак, смеат со уста да ги допираат цевките на фонтаните откаде што тече вода.

На плажата кај Ераклеја, пак, близу Венеција, на пример, не смеат да се прават кули од песок, а на Капри не смеете да носите бучни чевли. Притоа, не се мисли на кломпите – тие се забранети уште од 1960 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/08/2019 10:37