Поранешниот курдски лидер Абдула Оџалан, кој се наоѓа во затвор на издржување доживотна затворска казна, изрази подготвеност да го реши курдското прашање тврдејќи дека може да го запре судирот меѓу Турција и курдските борци во рок од само една недела, соопштија денеска неговите адвокати.
Оџалан е основач на Работничката партија на Курдистан (ПКК) која од 1984 година почна сепаратистичка борба против турската држава.
Во затвор се наоѓа откако турските специјални сили го уапсија во Кенија во 1999 година. Приврзаниците на прокурдската Народна демократска партија (ХДП) го сметаат за клучен за мировниот процес.
Забраната за посета на Оџалан во затворот, воведена во 2011 година, беше укината во мај годинава, кога првпат го посетија неговите адвикати. Вчера тие повторно се сретнаа со него.
Според соопштението што го претставија адвокатите, Оџалан наводно рекол дека на Курдите не им треба посебна држава.
– Се обидувам да отворам простор за Курдите, да го решиме курдското прашање, рекол тој.
„Велам, можам да ја решам оваа конфликтна ситуација….. во рок од една недела. Можам да ја решам, верувам во себе, подготвен сум за решение. Но државата…. мора да го стори тоа што е потребно“, истакнал Оџалан.
Во судирот меѓу Турција и ПКК во изминатите речиси четири децении загинаа речиси 40.00 лица.