Американската конференција за градоначалници, која претставува 214 градови со републикански и демократски лидери, го повика Сенатот да започне со работа порано после летниот прекин и да изгласа два закона за проверка на лицата што купуваат оружје.

Конферецијата му порача на лидерот на сенатското мнозинство Мич Меконел, како и на демократскиот лидер Чак Шумер, дека е итно Сенатот да ги одобри мерките во брза постапка. Претставничкиот дом веќе го направи тоа во февруари..

Легислативата опфаќа проверка на лицата што купуваат оружје, како и продолжување на периодот на чекање за трансакција на оружјето од три на десет дена.

Шумер, исто така, повика на сенатско одобрување на легислативата, но Меконел го блокираше гласањето, бидејќи републикаците се спротивставуваат на мерките.

-Во 2019 година досега се случија преку 250 масовни пукања, велат градоначалниците во писмото до законодавците.

Претседателот на САД Доналд Трамп, при посетата на Дејтон и Ел Пасо, рече дека постои согласност за проверка на лицата кои купуваат оружје.

Викендов во САД се случија две масовни пукања при што загинаа над 30 лица а педесеттина беа ранети. Првото се случи во саботата во трговски центар на Волмарт во Ел Пасо, Тексас. Второто пукање беше во раните утрински часови во недалата во Дејтон, Охајо.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/08/2019 11:43