Иранскиот танкер со нафта, кој беше задржан во Гибралтар, денеска доби дозвола да исплови, потврди главниот министер на таа британска прекуокеанска територија Фабиан Пикардо.

Британските трупи помогнаа во задржувањето на танкерот Грејс 1 на 4 јули надвор од Гибралтар, тврдејќи дека бродот носел нафта во Сирија, со што ги прекршил санкциите воведени од ЕУ.

Пикардо за Си-Ен-Ен изјави дека Гибралтар ја издал дозволата откако владата била „убедена дека бродот не оди во Сирија“, но додаде дека танкерот сепак може да биде по вторпат задржан, со оглед на барањето на САД да не се дозволи да исплови.

Потврдата од Пикардо дојде откако Врховниот суд на Гибралтар денеска нареди ослободување на иранскиот танкер со нафта „Грејс 1“, по што САД ургираа тоа да не биде направено.

Пикардо рече дека барањето на САД не стасало на време за Врховниот суд да го земе на разгледување, по што танкерот добил дозвола да исплови.

Откако танкерот беше запленет, Иран одговори со запленување на танкерите „Стена Имперо“, што пловеше под британско знаме, и „МТ Риах“ што пловеше под панамско знаме во Ормутскиот Теснец.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/08/2019 22:25