Научниците со експеримент покажаа дека човекот може да биде потполно неспособен да го забележи степенот на влијание на паметниот телефон на човековиот ум, на способноста сам да мисли и да донесува одлука.

Когнитивно-социјалниот психолог, д-р Адријан Вард од Универзитетот на Тексас во Остин, со свои колеги спроведе истражување и го објави под наслов „Испарување на мозокот: Самото присуство на смартфон ги намалува когнитивните способности”.

– Над 1.500 студенти учествуваа во истражувањето и имаа задача да решат повеќе тестови, да одговорат на повеќе прашања, да ги објаснат и образложат. Генерално, не беше важно што ќе одговорат, туку она што ние би го забележале и тоа каде им е мобилниот телефон, објаснува Вард.

Испитаниците биле поделени во три групи заради различни интелектуални тестови. Разликата била во условите за работа: првата група требало да ги остави телефоните во друга соба; на втората група не ѝ било забрането да ги држи в џеб или во чанта, а третата група студенти смееле да ги чуваат телефоните на масата пред себе, но така што екранот ќе биде свртен надолу. Никој од нив не смеел да го употреби својот уред.

Истражувачите притоа ја следеле количината на работна меморија кај луѓето од трите групи, т.е. количината информации на која тие биле способни да се фокусираат.

Најголема концентрација имале оние кои воопшто немале пристап до телефонот, а најниска – кај оние на кои паметните телефони им стоеле на масата пред нив.

– Мислам дека нема потреба од премногу објаснување. Очигледно е: додека нашиот мозок го гледа паметниот телефон пред себе, автоматски стануваме поглупави. Тоа се должи на очекувањето дека не мораме да го користиме, оти сѐ што нѐ интересира, се наоѓа на интернет, вели д-р Адријан Вард.

Едно од прашањето до студентите, било – дали мислат дека нивниот мобилен влијае на нивната концентрација, внимание и способности? Одговорот на сите бил – Не!

Тоа пак, покажува дека, на психолошко ниво, ние сме целосно зависни од телефонот, а често пати не сме ни свесни за тоа.

– Не велам дека мобилните не треба да се користат, но користете ги умерено и мудро. Оти кога еден ден ќе сфатите дека вашиот мозок без телефонот не функционира како што треба, дека послабо помните и дека потешко пронаоѓате решенија и одговори на основните прашања – ќе биде доцна, заклучува психологот.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/08/2019 14:39