Демонстрантите и полицијата денеска повторно се судрија во Хонг Конг. Демонстрантите вперувале ласери во полицајците, а некои и фрлаале тврди предмети преку поставените бариери.

Полицијата возврати со солзавец и воден топ врз демонстрантите.

Веќе 13-ти викенд по ред траат демонстрациите во Хонг Конг, а полицијата во четвртокот првпат одлучи да ги забрани протестите. Во образложението на полицијата се наведува дека протестот е забранет поради тоа што демонстрантите, набљудувачите, полицајци и новинари за време на протестите се здобиле со „сериозни повреди“.

Претходно, денеска во Хонг Конг се одржа Христијански марш, на кого учествуваа околу илјада луѓе. Учесниците пееја религиозни песни и извикуваа пароли на продемократското движење.

Протестите почнаа поради Законот за екстрадиција, кој во меѓувреме беше суспендиран, а прераснаа во антивладини, откако полицијата употреби прекумерна сила.

Протестите се прва сериозна политичка криза во Хонг Конг откако поранешната британска колонија беше вратена под управа на централната Влада во Пекинг пред 22 години.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/08/2019 14:37