Адвокатот на американскиот свиркач Едвард Сноуден изјави денеска дека руската влада била неуспешна во обидот за регрутирање на поранешниот американски разузнавач.

– Штом Сноуден пристигна во Русија, Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) се обиде да го регрутира. Но, тој ја одби понудата, рече Анатолиј Кучерена.

– Одбивањето на Сноуден да соработува со руското разузнавање е причината што толку долго чекаше да го процесира барањето за азил, додаде Кучерена.

Во 2013 година, Сноуден помина повеќе од еден месец на терминал на московскиот аеродром се додека руските власти не му дадоа азил. Се верува дека оттогаш живее во Москва.

САД го тужат Едвард Сноуден, кој со објавувањето на тајни документи во 2013 година го откри масовното американско прислушување на комуникации во целиот свет, и бараат конфискација на сите приходи од продажбата на неговата книга која беше објавена вчера.

Министерството за правда на САД соопшти дека вчера е покрената тужба.

Според соопштението, Сноуден ја објавил книгата без претходно да ја достави на преглед, со што ги прекршил договорите потпишани со Националната агенција за безбедност (НСА) и Централната разузнавачка агенција (ЦИА).



Автор: Администратор
Објавено на: 18/09/2019 15:55