На Твитер минатата седмица се појави снимка од распеана бездомничка која живее во подземната железничка на Лос Анџелес. Видеото кое го сними и сподели полицаец, потоа стана светски интернет-хит.
– Четири милиони луѓе го викаат Лос Анџелес – дом. Четири милиони приказни. Четири милиони гласови… Понекогаш само треба да застанете и да чуете само еден глас, да слушнете нешто убаво, стои во објавата на Твитер-профилот на Полицискиот оддел на Лос Анџелес.
Неколку дена потоа, американските медиуми открија дека се работи за Емили Замурка, доселеничка од Русија, која пред 30-тина години дошла во Лос Анџелес, односно кога имала 24 години. Студирала музика и заработувала претежно како улична музичарка, сѐ дури некој не ѝ ја украл виолината.
До неодамна, таа живеела во изнајмен стан, но поради проблеми со здравјето и трошоците околу тоа, морала да го напушти и останала бездомничка. – Сега спијам на картон, вели Замурка.
Таа е изненадена од популарноста на интернет, за којашто ја информираа репортерите на КАБЦ.
– Ако Бог сака животот да ми се смени, ќе го славам и ќе му бидам вечно благодарна, вели бездомничката со ангелски глас, како што ја нарекуваат некои нејзини нови обожаватели