Приказната веќе ја знаете, 80 отсто од Европејците бараат укинување на постојаното поместување на стрелките на часовникот на летно, односно зимско сметање на времето, а ЕУ вети дека ќе дејствува во таа насока. Сега само се поставува прашањето на кое од тие две сметања ќе треба трајно да преминеме.

Повеќето анкетирани луѓе се одлучиле за она што им се чини како подобра идеа - летно сметање. Дали е тоа најсреќното решение доколку се погледаат резултатите од различни истражувања?

Првиот проблем со летното сметање на времето претставуваат утрата, кои подолго ќе останат во мрак, што ќе биде предизвик за посеверните држави за време на зимата. Истражувањата од Русија за тоа време утврдиле зголемен број утрински сообраќајни несреќи, повеќе пријавен стрес кај луѓето и генерално повеќе здравствени проблеми.

- Истражувањето на здравствените ефекти на секоја од опциите би натежнало кон зимското сметање, тврди Тимо Партонен, професор во Финскиот Национален Иститут за здравје.

Повеќе студии покажуваат дека посветлите утра во текот на годината се подобра опција. Исто така, истражувањата кои ги проучуваат внатрешните биолошки часови носат слични заклучоци, појасни тој.

Но не мислат сите исто. Научниците од Кембриџ имаат едно постаро истражување кое покажува поголеми предности на летното сметање на времето. Во прилог на тоа е намален број на сообраќајни несреќи, зголемување на трговијата и намалување на потрошувачката на енергија во критични времиња за осум проценти. Тие тврдат дека сите предности се можни поради тоа што активниот период во денот е подобро синхронизиран со дневното светло.

Интересен е податокот дека еден дополнителен час светло во зима на Велика Британија би и донел заштеда од околу 485 милиони фунти, затоа што би се користело помалку електрична енергија и помалку греење на становите. Тоа веднаш повлекува со себе и намалуање на негативниот ефект на емисијата на штетни гасови.

Од летното сметање на времето сигурно би профитирал туризмот. Британците увиделе дека на дневно светло луѓето почесто посетуваат туристички атракции и ресторани, и тоа најчесто после работа.

Хендрик Волф од Универзитетот во Вашингтон потсетува на истражувањата кои покажаа дека за време на летното сметање на времето се зголемуваат активностите на отворено, како рекреација, што е подобро од активностите со седење, како што се играње игри и гледање телевизија.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/10/2019 01:44