Почетокот на есента се смета за златното лето кога треба да се посети Бодрум – антички град и туристичка топ-дестинација. Морска убавина, атрактивно пристаниште и шеталиште, градби што датираат од пред нашата ера, но и унифицирани модерни бели згради, турско гостопримство…
Богатата историја е меѓу главните адути на Бодрум, место каде што е роден таткото на историјата Херодот во петтиот век пред нашата ера и коешто е чувар на остатоците од познатиот Мавзолеј што се смета за седмо светско чудо. Колевка е на многу цивилизации. Со него владееле Персијците, Римјаните… бил освоен од Александар Велики, во него престојувале и го граделе познатите темплари од Родос.
Според историските записи, првото име на Бодрум е Зафирија. Му го дале Дорјанците кои први го населиле местото. Со доселување на Каријанците и Јонците името е променето во Халикарас. Сегашното име на градот потекнува од зборот Петрониум, а го добива по прогласувањето на Турската Република во 1923 година.
Најголем развој во античко време има во времето на Мавзолеј, чија гробница – Мавзолеј ја гради неговата сестра и сопруга Артемисија. Градбата со облик на пирамида била речиси целосно урната при силен земјотрес и од него денес има само остатоци.
Најголемата градба на влезот на градот е грандиозното кале познато и како тврдина на Свети Петар. Ја изградиле витезите на св. Јован откако по напуштањето на Родос го освоиле Бодрум. Тврдината се состои од пет кули. Се граделе за заштита од нападите од море. Оној што ќе го освоел местото си градел кула, па така има англиска, француска, италијанска, германска и шпанска. По освојувањето од Османлиите одреден период тврдината служела како затвор.
Во близина на француската кула, според кажувањата на нашиот туристички водич, се закопани остатоците од телото на кралицата Ада, која се сметала за втора мајка на Александар Велики. Таа била погубена, а главата ѝ била пресечена и се наоѓа во Универзитетот во Манчестер. Поставената обезглавена статуа на Ада е само дел од спомениците што може да се видат во рамките на тврдината што сега е музеј. Дел од комплексот е и т.н. подводен музеј. Таму се поставени бројни ископини од крајбрежјето, а посебна атракција се остатоците од потонат византиски брод. Во тврдината и музејот од пред една година се врши реставрација.
Калето со морето денес го поврзува модерно пристаниште преполно со бродови и јахти. На копнениот венец околу морето се распослани луксузни комплекси. Во Бодрум зградите може да се варосуваат само во бела боја и има ограничување на висината за градење.
За да се доживее Бодрум, треба да се седне во некој од бројните ресторани покрај морето, каде што има разновидна гастрономска понуда, претежно морска и традиционална храна. Пријатна прошетка може да имате и во чаршијата со дуќани и бутици. Можете и да се ценкате, но ако им се обратите на македонски, тоа и не ви е потребно. Тамошните дуќанџии велат дека се радуваат кога ќе сретнат македонски туристи, за кои, како што велат, се многу ретки во изминатите години. По прекинувањето на чартер-летовите од Скопје до Бодрум што функционираа до 2008 година ова туристичко место ретко се наоѓа во понудата на нашите туристички агенции. Туристичките оператори велат дека лобираат за авионско поврзување на Скопје во комбинација со Измир, затоа што како самостојна линија нема финансиска исплатливост.
Најголем дел туристи пристигнуваат преку аеродромот „Милас“. Во текот на целата година ја зголемуваат фреквенцијата во градот што до пред десет години бореше 40 000, а сега има 150 000 жители.