Со две проекции за сите учениците од училиштето „Коле Канински“ од с.Буково, заврши првото издание на фестивалот на Фестивалот на Малата школа на краток филм во Битола.

За петте дена на фестивалот имаше бесплатни проекции во малата и големата сала во Центарот за култура на Битола, кој e домаќин на Малата школа за краток филм. Притоа беа прикажани краткометражни филмови наменети за млада публика од основните училишта од Битола и битолските села. Првото издание на фестивалот во Битола, всушност е продолжување на Шеснаесеттото издание на Фестивалот на Малата школа на краток филм на Меѓународниот филмски фестивал од Нанси, кој покрај организирањето на фестивалот, особено има искуство во воспитувањето преку филмот.

– Целта на нашата акција е да се открие филмската уметност воопшто, преку краткометражниот филм и да се развие посебен поглед на начинот на читањето и гледањето на филмската слика, да се сфати намерата на режисерот преку филмот кој го има реализирано, вели Бландин Брунхес-Гламчевски, директорка на Меѓународниот филмски фестивал од Нанси и задолжена за воспитување преку филмот.

Воспитно-образовната екипа на филмскиот фестивал од Нанси, кој годинава одбележа 25 години од своето постоење, од кои 16 години со искуство во воспитувањето преку филмот, се погрижи да ја изработи програмата на кратките филмови од француско и европска продукција, за кои ова беше македонска премиера.

Фестивалот започна со проекција за учениците од училиштето „Славко Лумбарковски“ во с. Гермијан, а потоа со проекции во Центарот за култура-Битола. Организаторите на фестивалот: Меѓународниот филмски фестивал од Нанси, Центарот за Култура Битола и Француската алијанса од Битола, одлучија сите проекции да бидат бесплатни, и посебно Семејната проекција за децата и родителите во Големата сала на Центарот за култура во Битола, за да заедно ги откријат малите бисери дела на филмската уметност.

После секоја проекција имаше дебата и размена на мислења со младите гледачи, при што им беа дадени неколку клучеви за подобро читање на сликата и со тоа на филмот, со цел да го изразат нивното чувство и како и го разбираат филмот.

-Според ехото кое го добив и реакцијата на публиката по проекциите, очигледно е дека на децата им се допаднаа филмовите кои им ги предложивме и размената со нив беше навистина богата, додава Бландин Брунхес-Гламчевски, која се надева дека фестивалот ќе продолжи да живее и во иднина.

Првото издание на Фестивалот на Мачата школа на краток филм во Битола беше финансиски поддржано од градот Епинал во Франција, збратимениот град на Битола и Францускиот институт Скопје, а во организацијата учествуваа Француската алијанса Битола, Центарот за култура Битола и асоцијацијата АЈ АЈ ВО-Меѓународен филмски фестивал од Нанси.

Меѓународниот филмски фестивал Нанси е еден од најмакедонските и најбалканските филмски фестивали во Франција, а можеби и во светот. Во изминатите дваесетина години редовно се селектирани македонски филмови или македонски копродукции кои се претставувани пред француската публика, благодарение на претседателот на фестивалот Тони Гламчевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2019 11:58