Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје денеска ја организира втората меѓународна конференција „Сликата на другиот во балканската култура“ со учество на научници од балканските земји и Македонија.

Премиерот Зоран Заев, кој заедно со министрите за култура и образование, Хусни Исмаили и Арбер Адеми имаа воведни обраќања на конференцијата, го честиташе трајното доделување на објектот и новата сала во која се одржува настанот.

Заев во својот говор потенцираше дека Ребалансот на буџетот поминал и оти минатиот труд на научните работници од Институтите, вкупно седум во државата е решена проблематика и честита за покачувањето од пет отсто од септември, а з октомвриската плата има и нова одлука за зголемување на платата за 25 отсто.

-Веќе со октомвриската плата го добивте и имате нова одлука на 25% покачување на плата, затоа што навистина приходите за научните работници и професорите коишто работат во сите наши институти беа понижувачки. Владата смогна сили и донесе одлука со што сакаме да ве мотивираме да продолжите да работите, да креирате, да оставите трајни добра на генерациите што доаѓаат после нас и навистина оваа тема денеска само тоа го кажува дека навистина преку овие трудови денеска овде и утре на оваа конференција што ќе се работат, ќе остават едно трајно добро за Балканот, онаков Балкан каков што сите го посакуваме, различен Балкан но убав Балкан, богат со разбирање меѓу сите, рече Заев.

Во однос на меѓународната конференција, премиерот рече дека науката е еден од мостовите кој може да не поврзе заедно сите овде, во нашата држава каде успешно го градиме концептот на мултикултурализмот, но и надвор со останатите народи и култури, што навистина е вредност, како нишка за регионална и мултилатерална соработка.

– Владата, заедно со сите граѓани, изминатите две и пол години се посвети на унапредување на концептот за развој на едно, еднакво и праведно општество, општество кое овозможува меѓукултурно разбирање и соработка, исклучително видливо во нашата земја, потенцирајќи на, како што вели, обединувачките политики на Владата и определбата за изградба „Едно општество за сите“, што се реализираат со сеопфатната „Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам“. Овој документ кој изминатите месеци беше предмет на опсежни и широки консултации и дискусии, кои ги отворивме со цел да го слушнеме гласот на граѓанскиот сектор, академската и научната заедница и сите заинтересирани страни.

Министерот за образование Арбер Адеми верува дека меѓународни конференции како оваа ќе придонесат за елиминирање на предрасудите за другиот на Балканот потенцирајќи дека нашата заедничка иднина е во Европа и балканските народи треба да работат да бидат дел од Европа.

Најави продолжување на поддршката за активностите и градење на капацитетите на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје.

Министерот за култура Хусни Исмаили истакна дека Балканот навистина може да биде зона на оган денес, но може да биде и зона на страста на љубовта и на искрената омраза.

– И другиот на Балканот или е омилен до смрт или е омразен до смрт. Само на Балканот љубовта и омразата се страсни, би рекол проф. Мухиќ во својата Апологија за Балканот. Затоа, мајсторството на луѓето од Балкан е како да ја претворат оваа искреност за другиот во љубов и како да се направи Балканот жариште каде се раѓаат остроумните на континентот што и името го има добиено од Балканот, рече Исмаили.

На меѓународната конференција на која свои обраќања ќе имаат учесници од земјава и од соседните држави ќе биде промовиран и научниот зборник „Балканологија I“.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2019 14:46