Новата Европска Комисија која требаше да стапи на функција на први ноември е заглавена, меѓу другото, поради Романија, каде властите не успеваат да се договорат за кандидат за комесар.

Првата кандидатка која ја предложи власта пред два месеца, Рована Плумб, беше отфрлена од страна на комисијата за правни работи на Европскиот Парламент. Оттогаш во Букурешт падна владата, а премиерката во заминување предложи комесар од Романија да биде Виктор Негреску.

Овој предлог не е прифатлив за претседателот на државата, Клаус Јоанис, кој порача вчера дека владата во заминување немала право да назначува комесар.

Во Европската Комисија велат дека се свесни дека има “сериозен сомнеж околу тоа дали номинацијата била направена на легитимен начин“, изјави попладневно портпаролката на ЕК, Мина Андреева, и додаде дека проблемот треба да биде решен во Романија.

Андреева потврди дека владата во Букурешт и официјално го предложила Негреску.

-Овој нов предлог на времената влада не е координиран и одобрен од претседателот, со оглед на предизвиците, во интерес на сите нас е Европа да оди напред и кој и да биде романскиот кандидат, тој треба да биде прифатлив за претседателката фон дер Лејн и одобрен од страна на Европскиот Парламент.

Европскиот Парламент за сега отфрли три кандидатури – францускиот, унгарскиот и романскиот комесар, поради сомнеж за конфликт на интереси.

Будимпешта и Париз понудија нови имиња кои беа прифатени од Урсула фон дер Лејн. Станува збор за Французинот Тиери Бретон и Унгарецот, Оливер Вархелји.

Тие сега треба да бидат одобрени од Советот, потоа од европратеници во повеќе парламентарни комисии.

Што се однесува до портфолијата, потврдено е само она на Бретон – внатрешен пазар. Остануваат проширувањето и транспортот кој претседателката ќе треба да ги распореди помеѓу Романија и Унгарија.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2019 14:35