Американскиот државен секретар Мајк Помпео синоќа изјави дека Парискиот договор е „економски нефер товар“ за американската економија и оти предал официјално известување до ОН, со што започнува процесот на повлекување на САД од Договорот.

По најавата со реакција прв се јави францускиот претседател Емануел Макрон, а потоа и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков и германската министерка за животна средина Свенија Шулц.

Макрон наведе дека по повлекувањето на САД од Парискиот договор пресудна ќе биде соработката помеѓу Европа и Кина за намалување на емисиите на штетни гасови одговорни за климатските промени.

– Сакаме да бидеме во согласност со Парискиот договор, следната година мора да ги зголемиме своите обврски за намалување на емисиите и мораме да ги потврдиме новите обврски за 2030 и за 2050 година. Соработката помеѓу Кина и Европска Унија е пресудна за тоа. Следната година мораме во согласност со програмата за подобрување, колективно да преземеме задача, наведе Макрон.

Додека Песков наведе дека е „тешко е да се зборува за ефикасност на Парискиот договор за климатски промени ако Вашингтон се повлече“.

Тој додаде дека Договорот од Париз сигурно ќе биде загрозен, бидејќи САД се земја која емитува најмногу штетни гасови.

– Секако е многу тешко да се зборува за Договор за климата без најголемата светска економија, посочи Песков.

Во меѓувреме, германската министерка за животна средина Свенија Шулц изрази жалење за повлекувањето на САД од Договорот за климата.

Таа додаде дека американската одлука не е изненадувачка оти САД пред две години го најавија таквиот чекор.

Шулц посочи дека иако постои страв нема да се случи „домино ефектот“ и други земји да се повлечат од Парискиот договор.

– Другиот дел од светот е единствен за заштита на климата, истакна Шулц, при тоа додавајќи дека Русија, која е извозник на фосилни горива, неодамна се придружи на Парискиот договор.

Повлекувањето на САД од Парискиот договор е формален чекор во едногодишниот процес за излегување од глобалниот сојуз за борба против климатските промени, а дел од пошироката стратегија на Трамп за намалување на преголемата регулација во американската индустрија.

Околу 200 држави го потпишаа Парискиот договор за климата за одржување на глобалното затоплување за помалку од два Целсиусови степени до крајот на векот, а секоја земја си постави цели за намалување на емисиите на штетни гасови, што доведуваат до климатски промени.

САД се прва држава која се повлекува од Парискиот договор.

Американскиот претседател Доналд Трамп на средината од 2017 година донесе одлука за повлекување од Договорот за климата, но не беше возможна реализација бидејќи Договорот забранува повлекување на земја во текот на првите три години од ратификацијата.

Повлекувањето на САД од Парискиот договор ќе стапи во сила еден ден по претседателските избори на 4 ноември 2020 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/11/2019 16:28