Во следните две години „Епл“ ќе додели 2,5 милијарди долари во обид да ја реши станбената криза во Калифорнија, соопшти синоќа компанијата. Една милијарда ќе биде исплатена во фондот за изградба на домување за жители со низок и среден приход. Уште толку ќе биде исплатено за помош при исплата на хипотеки за купување на прв дом.

Од менаџментот на „Епл“ се загрижени поради високите цени на недвижнините во Калифорнија, се вели во соопштението. Компанијата, исто така, ќе потроши уште 300 милиони долари за предавање на свое земјиште за изградба на станбени објекти во Сан Хосе. Новите градежни проекти во Сан Франциско и околината се поддржани со 150 милиони долари, додека 50 милиони се резервирани како помош за бездомните лица. Покрај тоа „Епл“ бара приватни изведувачи кои би биле подготвени да искориста фондоци за инвестиции за изградба на достапно домување.

Како што јави „Блумберг“, неодамна и Мајкрософт објави дека ќе додели 500 милиони долари за изградба на ново домување во околината на Сиетл. Подоцна со слични иницијативи се јавија и Гугл и Фејсбук кои за достапно домување заедно вложија вкупно една милијарда долари.

Цените на недвижнините во Калифорнија во последните години драстично се зголамија како реакција на бумот во технолошкиот сектор и побаруачката на високоплатени кадри од ИТ индустријата.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/11/2019 19:18